Кандидатот за претседател која ја доби поддршката од албанската опозиција, Арбен Таравари, вели дека албанскиот гласачки електорат од 2011 година гласал против ДУИ, но причината за опстојувањето на партијата на Али Ахмети ја гледа во разединетата опозиција.
– Опозицијата тогаш не можеше да се обедини, па и во 2016 година, па и во 2020 година. Да бевме Алтернатива, Алијанса и Беса заедно ќе ја победевме ДУИ. Сега беше моментот и сега е моментот да ги донесеме промените во албанскиот блок – рече Таравари на Телма.
Без разлика на сите случувања во Алијанса за Албанците, додаде тој, во Централен регистар се уште стои дека е претседател.
– Очекуваме судско решение. Како и да одлучи судот, ние би прифатиле секаква одлука. Ние сме во коалиција Влен (Вреди), фракцијата која што произлезе од нас најверојатно ќе биде во заеднички листи со ДУИ. Ако речат дека одат со ДУИ, бидејќи ги немаат печатите на партијата, јавно кажувам дека сум подготвен да ги донесат нивните листи со имиња и презимиња, јас би ги потпишал и би ги однел во Државната изборна комисија. Ако сакаат да се натпреваруваат сами, јас сум подготвен да им помогнам, да ги потпишам и да им ставиме печат на нивните листи – порача Таравари.