Моменталната состојба на повредените пациенти е стабилна и се надвор од животна опасност, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што рече тој во македонските болници се хоспитализирани вкупно 115 пациенти. Во Клинички центар „Мајка Тереза“ има 25 пациенти, во Градската болница се лекуваат 24 лица, а во болницата „8 Септември“ сите пациенти се во релативно стабилна состојба. Во болниците во Штип и во Кочани има вкупно 42 пациенти. Дел од пациентите веќе се пуштени на домашно лекување.
Таравари потврди дека досега тројца пациенти се пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун; 8 во Софија; по тројца во Пловдив и Варна; двајца во Србија (по еден во Белград и во Ниш), а тројца пациенти се во Истанбул, додека, пак, дополнителни шестмина ќе бидат транспортирани со авион вечерва во 19.30 часот.
Вечерва се очекува уште 4 пациенти да патуваат во Хрватска, а 15 други пациенти ќе бидат испратени со авион во Белград. Со тоа, вкупната бројка на повредени што ќе се лекуваат надвор од Македонија ќе достигне 47, најави министерот Таравари.
Тој потврди дека утре во Македонија ќе пристигнат специјалисти за изгореници од Израел, Белград и од Прага, кои ќе им помогнат на домашните медицински тимови. Министерот додаде дека има информации за 4 или 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници и дека се надвор од животна состојба.