Претседателот на Државната комисија за спречување на коруцијата (ДКСК) Игор Тантуровски смета дека е инструиран случајот во кој ревизијата на УЈП утврди злоупотреби со патните трошоци во Комисијата. На денешната средба со Комисијата за политички систем во Собранието, Тантуровски рече дека не чувствува одговорност и дека нема намера да поднесе оставка на функцијата.
Тој, додаде, не е посочен на никаков начин во ревизорските извештаи.
-Ревизијата беше за внатрешна употреба со препораки како да се надминат утврдените недостатоци. Неговото вадење во јавноста има за цел само да се дикредитираат членовите и Комисијата како институција. Тоа што беше пренесено од еден медиум, е парафразирање на она што вистински го пишува во документот. Влезено е во детали што апсолутно немаат врска со конзистентноста на целиот документ. Извадени се само сегменти – рече Тантуровски.
Гарантира дека во институцијата со која тој раководи нема корупција и додаде дека Собранието нема основ да ги разреши.
-Слушнав изјава на потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски дека ќе покренат некаква постапка, јас искрено не знам која би била таа постапка и како тоа ќе го направат – вели Тантуровски и посочи дека на одреден начин чуствува дека ова е политички реваншизам за она што како институција го презеле во изминатиот момент.