На 16-ти април (вторник), со почеток во 20 часот во салата на Националната опера и балет (МОБ) во Скопје ќе се одржи традиционалниот концерт „Велигденско будење“ на националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец”.
Директорот на „Танец”, Мартин Вучиќ најавува богата програма на настанот за кој владее голем интерес кај јавноста и се бара билет повеќе.
Вели дека по традиционалниот концерт „Велигденско будење” од „Танец” ќе следи уште еден спектакуларен настан, голем јубилеен концерт кој ќе се одржи во месец јуни годинава.
-„Танец” е институција која веќе седум децении го негува нашиот фолклор. Значи, седумдесет години ние остануваме во чекор, и преку игра, музика и песна ја негуваме и презентираме нашата богата народна традиција. Ги следиме новитетите кои ни ги носи денешницата, но истовремено остануваме верни и на традицијата која е наше непроценливо богатство – ни изјави Вучиќ.
Програмата на концертот е следната: Два орли се бие (вокална изведба) Егејка (фрагмент од кореографија) Беломорски бисер (фрагмент од кореографија) Што се је сонце сопрело (вокална изведба) Роненка (фрагмент од кореографија) Раштак (фрагмент од кореографија) Малешевка (фрагмент од кореографија) Да сум бистра вода (вокална изведба) Битолски игри (фрагмент од кореографија) Пијанец (фрагмент од кореографија) Софкино оро (инструментална изведба) Велигденско оро (инструментална изведба) Охридски игри (фрагмент од кореографија) Дојди, дојди малој моме (вокално – инструментална изведба) Тодоро либе Тодоро (вокално – инструментална изведба) Да сам с’лнце (вокално – инструментална изведба) Посеље (фрагмент од кореографија) Ова е прв голем концерт на ансамблот годинава.
Лани, на 27-ми декември во МОБ „Танец“ го одржа традиционалниот концерт, во пресрет на новогодишните празници и блесна во полн сјај. Следеа позитивни критики и пофални зборови за интересните кореографии и изведбата на членовите на ансамблот.
Вики Клинчарова