Младата фолк пејачка Тања Маџунков од Кавадарци, која на 17-ти јуни ја изгуби битката со карциномот, беше позната во нејзиниот град како голем хуманитарец, и заедно со сопругот Мики, со кого настапуваа како дуо Тања и Мики Тралала, во изминатите години организираа низа на акции на помош на сограѓаните.
Во ек на матурските прослави, со години настапуваа без хонорар за матурнати од социјално загрозени семејства, а исто така за многу од нив обезбедуваа и свечена облека. Организираа и хуманитарни концерти на кои канеа нивни колеги од фолк естрадата, кога во општината имаше потреба од собирање на средства за нечие лекување.
Како што раскажуваше парот за ,,Фокус” се со цел да им се разубави настанот на сите млади, бидејќи секој заслужува исти можности.
Денес, по два месеца од смртта на Тања (33), за да се зачува нејзиниот спомен и да потсети на нејзината широка душа, Мики започна со хуманитарна акција за сите правчиња.
За ,,Фокус,, вели дека се започнало како идеја да им донира школски ранци и опрема на првачиња од општината, кои се од социјално загрозени семејства, но за кратко време, целата иницијатива добила поголема димензија, и веќе луѓе од цела земја, но и наши иселеници започнале да го бараат, со цел и тие да се вклучат во донирањето.
-Вчера му купив училишен ранец на нашето синче. Кога го стави ранецот на грб, ми рече – Тато, ајде фотографирај ме вака, како прваче. Го фотографирав, ја објавив фотографијата на социјалните мрежи, знаев дека многу ќе се радува.
Кратко потоа, на Фејсбук ми излезе фотографија од момче кое оди на училиште со книгите во ќеса. Спонтано ми дојде тоа, веднаш помислив како Тања би реагирала, па објавив дека ќе донирам ранци со опрема за по едно прваче во секое основно училиште во општината. Веќе порачав 20 ранци, знам дека мојата сопруга ќе го направеше истото.
Таа не дочека да си го види синчето со ранец, како прваче, ниту пак нашето дете ќе биде испратено на првиот училишен ден од својата мајка… И верувајте, секој ден е се потешко, но морам на свои начини да го зачувам споменот на Тања, да одам по патот по кој таа би сакала да чекорам.
Затоа ја започнав и оваа акција, и ме изненади одзивот на јавноста. Уште веднаш по објавата, започнаа да пристигаат пораки, да ѕвони телефонот. Луѓе од сите градови сакаат да се вклучат, да подарат ранец со опрема, ми се јавија и наши иселеници во Германија кои сакаат да донираат.
Го имам чувството дека Тања од некаде сето ова го гледа и се гордее, оти таа имаше душа како планина и секогаш помагаше колку што може, раскажува Мики.
Вели дека за болеста на Тања дознале случајно, во мај годинава, и по околу месец и половина таа починала. Иако одела на прегледи, а ја прегледале повеќе лекари, многу доцна откриле дека има карцином на мочен меур.
-Дијагнозата ни дојде како шок, затоа што првин имаше сомнежи за камен во бубрег. Не знам на колку врати тропнавме, каде се не отидовме, кој се не ја прегледа. Како никој од лекарите не забележа порано? Додека да сфатиме што се случува, таа си замина, за така кратко време, како во сон…
По соопштувањето на дијагнозата, секаде ја однесов, барав спас на сите страни. Но, толку било… Си замина млада, во време кога животот беше пред неа, кога имаше уште многу да даде на овој свет и да придонесе за заедницата.
Многу ми тешко, но се водам според тоа дека морам да бидам силен и да продолжам така, како што таа би сакала.
Веќе започнав со процедура за отворање на Фондација за помош на лица болни од карцином. На 17-ти јуни, на денот кога таа си замина, планирам секоја година, додека сум жив, да организирам хуманитарен концерт со гости од цела естрада, а сите средства да одат на сметките на лица кои се борат со карцином. Тоа е најмалку што можам да направам за да мојата Тања продлжи да живее во сеќавањата на сите, раскажува музичарот.
За акцијата со школските ранци, која предизвикала голем интерес и наишла на огромен одзив за само неколку часа, вели дека сите кои сакаат да се вклучат, можат да го побараат на 070 616 400. Појаснува дека секој кој сака може да купи и испрати ранец, а сите ранци тој лично ќе ги подарел на децата од социјално загрозени семејства.
-Не знам дали ранците ќе ги однесам кај првачињата на 28-ми август, кога имавме домашна слава за празникот Богородица, а истовремено тој ден и беше и роденден на Тања, или пак ќе ги однесам на први септември, на првиот школски ден, но едно знам сигурно.
Нема да направам фотографија со ниту едно дете додека му го давам ранецот, не сакам ниту едно прваче да биде изложено на такво понижување. Ќе објавам на мојот профил детали околу тоа колку ранци се донирани и ветувам дека сите ќе завршат на вистинските адреси, таму каде има најголема потреба.
Ова е мал гест во спомен на Тања, и мој начин да продолжам со нејзината мисија, ни изјави Мики.
Вики Клинчарова