Тамара за Евровизија: Не е важно дали ќе настапиме како ФИРОМ или Северна, важно е да се зборува за нас

by fokus

Македонија ќе настапи во второто полуфинале на Евровизија 2019 во Тел Авив, односно на 16-ти мај, а во тек се подготовките со повеќе автори за песните кои ќе бидат во конкуренција за претставничката композиција. Краен рок за предавање на нумерата со која ќе настапи Тамара Тодевска е 11-ти мај, но од МРТ најавуваат дека песната и спотот ќе бидат готови и промовирани во втората половина на февруари. Во интервју за босанската телевизија Н1, Тамара вели дека посакувала да добие шанса да замине на Евровизија сама и да покаже што умее.

-Пред една седмица официјално од МРТ ме прашаа дали сум во состојба и дали можам да го прифатам тој предизвик, бидејќи станав мајка пред малку повеќе од 40 дена. Првото прашање кога ме побараа беше дали „ти тоа можеш да го направиш и дали сакаш“. Искрено, посакував, бидејќи оваа година прв пат одам сама на сцената – изјави Тамара, која ја претставуваше земјава на Евровизија во Белград, заедно со Адријан Гаџа и Врчак, во 2008 година.

Тогаш не се пласираа во финалето. Беше придружен вокал на Тоше Проески на Евровизијата во Турција во 2004 година, но и во 2014 година, кога наш претставник во Данска беше нејзината сестра Тијана.

-Ми требаше таа шанса во која ќе можам да ја покажам вистинската јас, и каде ќе можам да покажам се што знам и умеам. Очекував и имав желба да отидам на Евровизија, но сама. Не се двоумев за понудата да бидам претставник на Македонија на Евровизија. Добивам песни постојано, конкурсот трае до 5-ти февруари, така да, до тогаш ќе се избере песната со која ќе настапам – изјави Тодевска.

На прашањето на водителот дали таа ќе биде првата претставничка на Северна Македонија на Евровизија, таа одговори дека тоа воопшто не е важно.

-Дали ќе бидеме ФИРОМ или Северна Македонија воопшто не е важно, ние ќе бидеме Македонци таму и не е важно кое име ќе го носиме, мене ми е важно да бидеме забележани и да се зборува за нас – раскажа Тамара за Н1 телевизија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости