Тамара Вучиќ: Го изгуби бебето, по три години брак за прв пат се појави во јавност

by fokus

Сопругата на српскиот претседател Александар Вучиќ, Тамара (41), го привлече вниманието на јавноста уште во декември 2013 година, кога во тамошните медиуми се објави вест дека тајно се венчале.
И додека Вучиќ молчеше за својот приватен живот, веста дека се развел од сопругата Ксенија, со која беше долги години во брак во кој ги добија ќерката Милица и синот Данило, стана топ тема во Србија.

Околу тоа која е Тамара, според информациите објавени во српските медиуми, по потекло била од Лозница, а родителите и биле просветни работници. Во Белград првин работела како новинарка, потоа дипломирала на Факултетот за политички науки и се вработила во Министерството за надворешни работи, како советничка за Европа.
Набргу по веста за венчавката која се случила со мал круг на блиски луѓе на парот, се објави веста дека Тамара и Александар го изгубиле бебето, само три дена пред терминот за породување.

-Срцето на малата Нева, како што беше планирано да се вика бебето, престана да чука. Семејството Вучиќ со нетрпение го очекуваше радосниот момент, но се случи голема трагедија – известија тогаш медиумите.

Три години по настанот, парот го доби синот Вукан. Бебето се родило 15 дена пред терминот, а поради проблемите во првата бременост на Тамара, Александар тогаш ја прекина посетата на Казахстан и се врати во Белград да биде покрај сопругата и синот.

Пред раѓањето на синот, во март 2016 година, јавноста за прв пат ја виде Тамара, кога се појави на свечен ручек организиран од принцезата Катарина Караѓорѓевиќ, по повод Меѓународниот ден на жената.

-Ова е убавината која Вучиќ ја криел три години од јавноста, беа тогашните наслови во медиумите.

Потоа, Тамара се појави на прием организиран од Мишел Обама, имаше средби и со сопругите на турскиот и кинескиот претседател, и учествуваше на повеќе настани поврзани со хуманитарна работа.

Во изборните кампањи на нејзиниот сопруг никогаш не учествува. За време на изборите во Србија, во 2017 година, таа не се појави со Вучиќ на гласањето, туку тој гласаше заедно со неговата ќерка Милица.
Многу ретко дава интервјуа, а пред неколку години за магазинот Хелло раскажа дека најсреќна ја прават топлата домашна атмосфера и насмевката на син и, како и дека ја исполнува хуманитарната работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости