Тамара Тодевска, нашата претставничка на Евровизија 2019, ќе биде водителка на второто издание на регионалната музичка манифестација МАЦ, кое ќе се одржи на 27-ми јануари во Белград, Србија.
Станува за еден од најгламурозните настани на Балканот, каде ќе се појават над 400 познати лица од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија.
Според најавата на организаторот Скајмјузик, домаќини на вечерта ќе бидат Тамара, Галеб Никачевиќ и Ана Радишиќ.
-Тоа е ноќ во која ја славиме музиката, различноста, и што е најважно, неверојатниот талент на нашите регионални музички уметници – вели Тодевска, која што исто така е номинирана во категоријата поп нумера на женски изведувач за евровизиската песна ,,Proud”.
Настанот ќе започне во 21 часот, а гледачите од Србија ќе можат да ја следат манифестацијата на програмата на ТВ Пинк, во Хрватска на ТВ РТЛ, емитер во Црна Гора е РТЦГ, во Македонија Канал 5, во Босна и Херцеговина РТРС и ФТВ, а во Словенија ТВ3.
Вики Клинчарова