По седум години брак во кој ги добија ќерката Хана и синот Дарен, поп пејачката Тамара Тодевска и поранешниот кошаркар Александар Димитровски- Мачка се разведуваат.
Кога една врска помеѓу двајца млади луѓе започнала со љубов, а потоа прераснала во семејство во кое се изродиле деца и каде се функционирало во заедница, ќе се распадне, без оглед на тоа колку и да се изговара фразата дека разводот бил спогодбен и пријателски, сепак, тоа е нешто кое го менува животот од корен на сите кои биле дел од таа заедница.
Секогаш, и покрај љубовта и вниманието од родителите, децата се најпогодени од ваквите животни одлуки, и речиси секое дете на разведени родители ќе ви каже дека посакувало мајката и таткото да му останат заедно и да живеат во слога. Токму тој момент со децата го потенцираше и Тамара во изјава за ,,Убавина и здравје”, кога замоли медиумите кои трчаат по кликови, да имаат чувство на одговорност, барем пред децата.
-Јас сум издржала и позитивен и негативен притисок, ќе го издржам и ова, но децата мора да бидат заштитени – кажа таа. Сепак, нејзините зборови како да потонаа во магла, а етерот го преплавија коментари во кои Тамара по кој знае кој пат е распната на крст и каменувана. Под објавата на веста за разделбата на социјалните страници на сите електронски медиуми, може да се прочитаат стотици коментари преполни со омраза, со задоволство дека едно семејство се соочило со тежок период, ситење на туѓата мака, јавен линч и злоба од невидени размери на сметка на Тодевска.
Безгрешната критичка јавност, дури и заборавила дека во приказната главни ликови се две мали деца. -Ако се разведува, море дури и малку и е, Северџанка, така и треба… коментари од кои човек може да се запраша – Каков е овој синдром и од каде доаѓа оваа омраза кон некого, кого дури и оние кои коментираат никогаш не го запознале. Изумрена емпатија, впечаток дека оние кои фрлаат со камења имаат совршен живот и ним, ниту пак на нивните блиски никогаш не може да им се случи било каков животен неуспех и грешка.
Тамара е личност која го посвети животот на музиката. Таа за прв пат застана на сцената како шест-годишно девојче, рамо до рамо со Маријана и Росана на ,,Макфест” а потоа го продолжи естрадниот пат. Таа е од ретките на сцената која професионално се занимава со музика, и нема приватен бизнис на страна, ниту пак работи во некоја државна институција, како што е случај со многу нејзини колеги.
Живее од песната и за песната. Кога се читаат злобните коментари во кои се ликува поради нејзините семејни настани, кои никој не ги посакува, на совесниот народ му се наметнува прашањето – Што ли толку и згрешила оваа жена на целата нација? За ,,гревот” на Тодевска, наголемо се пишуваше со месеци, па и до ден денешен, кога во 2019 година при интонирањето на националната химна во Американската амбасада го изостави стихот со Гоце Делчев, Питу, Сандански… следеа низа на извинувања од нејзина страна, со образложение дека се работи за ненамерна грешка, која за оние кои добро се сеќаваат, и се случи и пред околу десет години, за време на спортски натпревар, кога повторно изостави стих од химната, но тогаш настанот помина речиси незабележително.
Не долго после Тамара, и нејзината колешка Нина Јанева Николовски, направи грешка при интонирањето на химната за време на протест за слобода на осудените за нападот во Собранието, но тој случај беше актуелен ден-два, па потоа падна во заборав. За разлика од неа, на Тодевска и денес и се препишува ,,гревот” за химната, па во коментарите под текстовите за разделбата со сопругот, чести се оние кои кажуваат – Уште кога ја згреши химна требаше да те остави!!!
Каменувањето врз Тамара продолжува, со невиден жар и пакост, и со леснотија се редат коментари како да се работи за воен злосторник, државен непријател, национален предавник… Изразот Северџанка може да се сретне стотици пати, а и беше пришиен на името затоа што беше првата македонска пејачка која настапи на Евровизија под новото име на државата, Северна Македонија. Како и сите кои настапија после неа, но и кои ќе настапуваат во иднина. И не само на музички, туку и на сите останати интернационални настани во секоја област. Од толкава заслепеност и омраза, се заборави и на фактот дека токму таа и донесе на Македонија најголем успех на Евровизија, прво место од жири комисија и седмо на настанот
. Во интервју за ,,Фокус” набргу откако започна хајката против неа, која еве и денес уште трае, Тодевска раскажа дека сама е одговорна за работите кои се случиле и дека жали за ненамерната грешка. Појасни дека има прекрасно семејство, најдобриот сопруг на светот и две деца кои се центарот на нејзиниот свет. Им простила на сите кои ја линчуваа и рече дека со поддршка на семејството чувствува дека може да ги надмине сите предизвици. Но, може ли нашиот народ да го надмине синдромот на омраза?
Постои ли начин да се разбуди емпатијата и разбирањето, или пак не може, а да не се радуваме на нечија невоља, без разлика за кого се работи? На народ кој масовно ги слави сите верски празници чија цел е помирување и соживот со ближниот, кој редовно објавува икони и молитви на своите социјални профили, баш и не му личи толкава радост и еуфорија поради тоа што едно младо семејство се соочило со тежок животен период.
Вики Клинчарова