Тамара и тимот добивале дневници, буџетот за Евровизија не е надминат

by fokus

Три дена по завршувањето на Евросонг 2019, реакциите во јавноста поради високиот пласман кој ни го обезбеди Тамара Тодевска не стивнуваат. Со достоинствениот настап на кој не останаа рамнодушни ниту европските љубители на музичката манифестација и лавината од позитивни критики, Тодевска ја сплоти и ја направи горда нацијата.

Веднаш по пристигнувањето во Скопје, таа гостуваше во емисија на 1ТВ, каде и беше врачена донација од 10.000 евра од страна на телевизијата, БМЈ Медиа Груп и сопственикот Бојан Јовановски, сума која би помогнала во градење на интернационална кариера на нашата претставничка. Од 1ТВ отворено ги повикаа сите општествено одговорни компании да ги поддржат уметниците и да помогнат во нивниот развој и прогрес.

Околу тоа дали донацијата од 10.000 евра е единствениот финансиски приход кој го добила Тамара од своето учество на Евровизија, и дали и колкав хонорар добивале и останатите претставници од земјава во изминатите години, ,,Фокус” се обрати до јавниот радиодифузен сервис МРТ, кој е носител на лиценцата за Евровизија.

-Како што информиравме и претходно, седум милиони денари е буџетот за проектот Евросонг, односно за Јуниорски Евросонг и Евросонг, со отстапки од буџетот од околу 10 проценти. Годинава имавме огромен успех, и можеме да потврдиме дека буџетот не е надминат. Со буџет кој е далеку понизок од оној, на останатите земји учеснички, веруваме дека направивме многу. Околу тоа дали Тамара доби хонорар поради своето учество, односно дали и претставниците во изминатите години добивале одредена сума на сметка, бидејќи сепак станува збор за огромна одговорност, многу работа, посветеност, и секако време, можеме да потврдиме дека сите учесници, како Тамара, така и нејзиниот тим добиваа дневници. Се е регулирано со договор, секако, покриени се сите трошоци, патување, сместување, комплетен стајлинг. Сепак, кога станува збор за Евровизија, за учесниците најважно е тоа што добиваат шанса да се претстават пред целиот свет, да им се отворат патиштата во кариерата – тврдат од МРТ.

Околу тоа, што потоа, односно дали веќе се размислува како да се претставиме наредната година, а да го повториме успехот, од МРТ велат дека најверојатно ќе има дебати на темава.

-Со одличниот пласман годинава докажавме дека и ние можеме. Не смееме после ова да си дозволиме да одиме назад, мора да се оди напред, да се работи тимски, сложно. Годинава тимот беше одличен, се работеше сложно. Ќе се дебатира што потоа, јавноста ќе биде вклучена во сите настани, бидејќи сепак, ова е настан кој му припаѓа на народот – изјавија од јавниот сервис.

Вики Клинчарова

Поврзани новости