Тамара и Јана не почиваат мирно, правдата треба да биде задоволена, порачаа скопјани

by Fokus

Пред Министерството за здравство вечерва се одржа протест поради прераната смрт на шестгодишната Јана од Битола. За разлика од протестот во Битола, каде излегоа стотици граѓани, протестот во Скопје не беше масовен. Сепак и неколкумина скопјани одлучија да се придружат на незадоволството на граѓаните откако семејството на Јана објави дека починала под неразјаснети околности.

Граѓаните кои излегоа пред Министерството за здравство рекоа дека протестот не е со цел линчување на лекарите и плукање по нивната работа, туку е протест за правда.

-Онаа која не ја добивме за Тамара, онаа која ги заобиколува обичните смртници во лавиринтите на државата. Бев за Тамара. Тука сум и за Јана. И за сите ангели кои ги губиме поради состојбата во нашето здравство и тоталното игнорирање на правата на граѓанинот. – вели Татјана Стојановска.

Со протестот, како што рече таа, сакаат да дадат поддршка до родителите на Јана и до сите битолчани. Граѓаните, додаде, бараат здравство кое ќе ги штити сите и ќе биде сигурност за секој граѓанин.

-Ја убиваме иднината на нашите деца, а сега почнуваме и нашите деца да ги убиваме. Да ги убиваме со молчење, со „сѐ е по закон, прописи и протоколи”. Смртта не настапува по закон, прописи и протоколи. И бараме отчет, брз и ефикасен, зошто ја однесе Јана. За секоја наредна Тамара, Јана да бидат спасени. Не оставени во молк на правдата. Тамара не почива мирно. И Јана сѐ уште. И многу други незнајни деца и возрасни. Јас сум тука за нив, за нивниот глас, за болката на сите кои некого изгубиле поради немарност и негрижа – порача Стојановска.

 

Поврзани новости