„Талир“ пет месеци заглавен во судот, се одложи и денешното рочиште

by fokus

Денешното рочиште за случајот „Талир“, односно за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, се одложи, бидејќи една од поротничките е на боледување. Во судница не се појави ниту претставник од партијата.

Од истражниот затвор „Скопје” беше спроведен екс министерот Миле Јанакиески, кој веќе неколку дена штрајкува со глад, поради одредениот притвор.

Овој случај никако да стартува, бидејќи постојано се одложува, па обвинетите се уште се намаат изјаснето ниту за вина.

Наредното рочиште е закажано за 12 септември.

Предметот „Талир“ се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ за кое се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

Првото рочиште за случајот Талир се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес се уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува поради неприсуство на некој од обвинетите или Судечкиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.

В.В.

Поврзани новости