Талибанците влегуваат во Кабул

by fokus

Талибанците почнаа да влегуваат во Кабул од сите страни, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи.

Раководството на талибанците им нареди на борците да се воздржат од насилство во Кабул, да овозможат безбедна евакуација на оние што сакаат да го напуштат главниот град и да ги принудат жените да се засолнат во заштитените подрачја.

Додека талибанците напредуваат кон Кабул, десетици илјади бегалци ги напуштија домовите барајќи спас од нив.

Илјадници цивилни бегалци сега живеат во парковите во Кабул. Во градот денеска е мирно, но дел од автоматите за пари не работат, а пред банките има редици на луѓе кои сакаат да си ги повлечат заштедите.

Истовремено, илјадници војници од САД и Велика Британија се на пат за да го обезбедат аеродромот и нивните амбасади, додека странските мисии евакуираат персонал.

Истовремено, од покривот на амбасадата се издига чад. Американските власти рекоа дека дипломатите во амбасадата почнале со уништување на докумените.

Авганистанската армија вети дека ќе го брани главниот град, кој зафаќа површина од околу 1.000 квадратни километри и е опкружен со планини.

Во 1996 година, талибанците го освоија Кабул од Муџахедин сојузот со напад преку Суроби, но во 2001 година силите поддржани од САД го зазедоа Кабул со напад од север, влегувајќи во градот преку Баграм.

Воздушната база Баграм, 64 километри северно од Кабул, е најзначајниот воен имот на земјата и беше седиште на американската војска за време на 20-годишната војна, пред да ја напуштат пред само еден месец. Базата сега е во рацете на авганистанската војска.

Крвава битка за Кабул може да се избегне доколку се постигне политичко решение меѓу владата и талибанците. Бунтовниците инсистираа дека нема да преговараат со влада предводена од претседателот Ашраф Гани.

Но, Гани не покажа склоност да замине. Тој вчера рече дека е на итни разговори со локалните лидери и меѓународни партнери и дека „реинтеграцијата на безбедносните и одбранбените сили е наш приоритет“.

Поврзани новости