Сѐ повеќе градови паѓаат во рацете на талибанците, а денеска тие стигнаа на само 70 километри од главниот град на Авганистан, Кабул. Сега тоа предизвика општ хаос во земјата и многу земји испраќаат свои трупи за да ги излечат персоналот од амбасадите и своите граѓани .
Денеска и македонското Министерство за надворешни работи испрати соопштение во кое се вели дека десетици наши државјани имаат тешкотии да обезбедат место во комерцијалните летови и да заминат од Кабул и дека во Министерството е формирана работна група за следење на состојбите, координирање на активностите поврзани со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска одржа итни разговори со локалните лидери и меѓународни партнери, додека талибанските бунтовници се приближуваат до Кабул, заземајќи град јужно од главниот град, кој овозможува лесен пристап до градот, објави Ројтерс.
Соединетите Држави и Велика Британија испратија војници за да помогнат во евакуацијата на своите амбасади, откако милитантите почнаа да ги заземаат главните градови на покраините во Авганистан, а американските и другите странски сили кои ја поддржуваа авганистанската влада се повлекоа.
Многу Авганистанци побегнаа од провинциите во главниот град, протерани од борбите и стравувајќи од враќање на тврдокорната исламистичка власт, бидејќи отпорот на авганистанските владини сили се распаѓа.
Претходно, талибанците, соочувајќи се со мал отпор, го зазедоа Пул-е-Алам, главен град на провинцијата Логар, оддалечен 70 километри јужно од Кабул.
Официјален претставник на авганистанската влада во петокот потврди дека Кандахар, најголемиот град на југот и кој претставува центар на Талибанците, е под контрола на милитантите, бидејќи силите предводени од САД се повлекле од градот по 20 години војна.
Херат на западот на земјата, во близина на границата со Иран, исто така, падна во рацете на милитантната група. Талибанците во саботата соопштија дека ги освоиле главните градови на провинциите Кунар, Пактика и Пактија на источната граница на Авганистан.
Американските војници почнаа да пристигаат во Кабул за да помогнат во евакуацијата на персоналот на Амбасадата на САД во земјата и другите цивили, изјави американски функционер кој сакаше да остане анонимен.