Само пет дена по падот на Кабул и прозападната авганистанска Влада талибанците вчера и официјално го прогласија формирањето на Исламски Емират Авганистан и го сменија државното знаме, со што го реинсталираа системот на владеење практикуван од нив во времето на првата талибанска власт од 1996 до 2001 година.
Авганистан ќе има врховен лидер и талибански совет, а се враќа и примена на шеријатското право. Оваа одлука е денесена од раководството на талибанското, движење иако сите релевантни меѓународни организации побараа од нив да дозволат земјата да ја предводи инклузивна влада, во која ќе бидат застапени сите племиња, партии и социјални групи, а Советот за безбедност на Обединетите нации дури јасно и гласно нотираше и побара жените да бидат застапени во институциите, девојчињата да имаат право на образование, а медиумите на слободно информирање.
Талибанците во изминатите денови, повеќе како про-форма, оддржаа неколку средби со истакнати авганистански лидери, па затоа денешната одлука за формирање на емиратот се сфаќа како нивно натамошно цврсто играње на верскиот и религиозен елемент.
„Талибанците мора да одлучат дали сакаат да бидат признаени од меѓународната заедница“, изјави вчера американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека не мисли дека групата ги променила своите основни уверувања. Тој смета дека тие вооошто не се промениле во своето делување.
-Мислам дека тие минуваат низ некаква егзистенцијална криза: Дали сакаат меѓународната заедница да ги признае како легитимна влада? Не сум сигурен дека го сакаат тоа, рече Бајден и додаде дека му се чини дека групата е посветена само на своите уверувања.
Шефот на европската дипломатија Joсeп Борел вчера пред европратениците во Комисијата за надворешни работи изјави дека тоа што се случува во Авганистан е катастрофа за авганистанскиот народ, за европските вредности, довербата во Западот и за развојот на меѓународните односи.
Талибанската влада нема да има долг рок доколку ги повтори грешките од минатото, излезе вчера со предвидување делегација на истакнати авганистански лидери и функционери, предводена од претседателот на авганистанскиот Парламент, Мир Рехман Рехмани. Тие овие свои предупредувања ги искажаа на средбата со новинарите во Исламабад, по средбата со пакистанскиот премиер Имран Кан и други владини и воени претставници.
Притоа, поранешниот авганистански потпретседател Мохамед Јунис Кануни изјави дека идната влада во Авганистан треба да биде инклузивна, со учество на сите етнички групи.
– Ние сме против владеење на една партија или група, истакна Кануни.
Старо-новиот начин на делување на талибанците веќе изроди серија инциденти низ земјата, а непотрдените информации говорат и за повеќе загинати и повредени во судирите меѓу незадоволното локално население и талибанците. Неколку лица се убиени во градорт Асадабад откако талибанците отвориле оган кон луѓето кои го вееле националното знаме по повод Денот на независноста, а сличен инцидент имало и во Џалалабад, при што три лица загинале, а десетина се повредени.
Ситуацијата е најзапаллива во долината Панџшир, каде е кренат бунт од досегашниот вицепремиер на падната авганистанска влада, Амрула Салех, и синот на починатиот командант Ахмад Масуд, кои успеале под своја команда да стават десетина илјади војници.
-Талибанците не ја контролираат целата територија на Авганистан. Добиваме информации за ситуацијата во долината Панџшир. Таму се концентрирани силите на движењето на отпорот на потпретседателот Салех и на Ахмад Масуд, изјави на прес конференција во Москва шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Во колумна што вчера беше објавена во „Вашингтон пост“ Масуд тврди дека во Панџшир му се придружиле војници на авганистанската армија „згрозени од предавањето на нивните команданти“, како и поранешните припадници на авганистанските специјални сили.
-Но, нам ни треба повеќе оружје, повеќе муниција, повеќе опрема, рече Масуд, уверувајќи дека талибанците претставуваат закана и надвор од Авганистан.
По падот на прозападната влада, во неделата, земјата влегува во крајно неизвесна иднина и се соочува со невидена безбедносна и хуманитарна криза, во која илјадници Авганистанци, заедно со дипломатите и странците, се обидуваат да ја напуштат земјата, преку единствениот можен излез во моментов- аеродромот во Кабул. Американцитер наведуваат дека досега за пет дена евекуирале 7.000 лица, а проценките на релевантните агенции се дека во моментов најмалку 16 до 18 милиони Авганистанци се соочуваат со глад, а на светот сега му се заканува и бегалски бран.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика европските земји да преземат одговорност за мигрантите што доаѓаат од Авганистан.
-Турција нема намера да стане европско складиште за мигранти, истакна турскиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин и италијанскиот премиер Марио Драги се согласни дека сега е најважно да се спречи хуманитарна катастрофа во Авганистан и да се заштитат неговите жители.
Директорката на Агенцијата за храна во Обединети нации, Мери Елен МекГрути изјави дека хуманитарната криза во Авганистан претставува закана за 16 милиони луѓе, кои се соочуваат со глад откако талибанците ја презедоа власта.
Таа за време на видео брифингот со претставниците на ОН во Кабул истакна дека конфликтот во Авганистан, втората најлоша суша во изминатите три години и социјалниот и економскиот удар од пандемијата со Ковид-19, ја втурнаа веќе опасната ситуација во катастрофа.
– Повеќе од 40 проценти од посевите и добитокот се загубени поради сушата, стотици илјади луѓе се раселени поради офанзивата на талибанците, а зимата брзо се приближува. Во тек е трка за да се обезбеди храна таму каде е најпотребна, истакна МекГрути, при тоа апелирајќи да сопрат судирите, а побара од донаторите да обезбедат 200 милиони долари кои се неопходни за да се достави храна во Авганистан
Првите луѓе на главните агенции на ОН денеска ја повикаа меѓународната заедница да обезбеди финансиска поддршка за операциите за хуманитарна помош во Авганистан, односно да им помогне на 16 милиони луѓе.
“На авганистанскиот народ му е потребна нашата поддршка повеќе од кога било порано. Нашите организации се посветени на помагање и заштита. Ќе останеме во Авганистан и ќе ги исполниме ветувањата”, се наведува во соопштението.
Тие ги повикаа донаторите да ги зголемат финансиските напори, бидејќи потребни се 1,3 милијарди долари за помош на 16 милиони луѓе во Авганистан.