Талибанците ја повикуваат меѓународната заедница на соработка и воспоставување добри односи со Авганистан. Талибанските власти сè уште не дале конкретен одговор дали ќе дозволат образование и за девојчињата бидејќи Западот го бара тоа од нив.
Речиси два месеца откако поранешната влада ја напушти земјата, а бунтовничките сили влегоа во Кабул, новите талибански власти се обидуваат да ги подобрат односите со другите земји за да помогнат да се спречи катастрофална економска криза.
-Наместо притисок, меѓународната заедница треба да започне да соработува со нас. Со тоа ќе се запре несигурноста, а истовремено позитивно би се ангажирале во светот, рече вршителот на должност министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки, на настан организиран од Центарот за конфликти и хуманитарни студии во Доха.
Талибанците досега одбиваа да им дозволат на девојчињата да се вратат во средно училиште, што е едно од клучните барања на меѓународната заедница откако власта во Кабул минатиот месец одлучи да ги отвори училиштата за учениците над шестото одделение, но само за момчиња.
Мутаки истакна дека талибанското раководство внимателно ги мери своите потези, но дека е на власт само неколку недели и дека не може да се очекува да ги заврши реформите што меѓународната заедница не успеа да ги спроведе 20 години.
Талибанскиот министер ги повтори повиците до Вашингтон да ги одмрзне резервите на авганистанската централна банка во вредност од над девет милијарди долари, кои се чуваат надвор од земјата, но исто така рече дека власта има приходи од даноци, царински тарифи и земјоделство доколку тие средства останат замрзнати.
Тој нагласи дека меѓународната заедница мора да најде начини да испрати пари за авганистанската економија за да се спречи целосен колапс.