Пеце Талески од ОХО, продуцент на и креатор на Преспав, Петко (Фамилија 5+) и многу други содржини беше гостин во последната епизода од „Што го врти светот?“. Наскоро почнува 7 Сезона на Преспав.
-Сфативме дека мора да биде нешто кое ќе биде смешно и популарно. Мора да биде ситком. Само така можеме да отвориме процеси кои ќе направат поместување. Со криминална серија или со друг тип на играна серија не може да се направи тоа. Ќе стигнеш до определена публика и ќе бидеш лимитиран. -вели Талески, кој е и коосновач и на првата стриминг платформа кај нас – gley.mk.
Тој зборуваше за предизвикот да се продуцира македонска серија, особено 7 Сезони. Преспав имаше и регионален успех, таа е единствена серија од кај нас која се емитувала во соседна Бугарија.
Талески често знае да каже дека идејата за креирање на Петко, му дошла додека го чувал своето дете работејќи како консултант за кампањи за подигнување на јавна свест. Времето поминато дома, му овозможило да гледа повеќе телевизија. Сфатил дека практично нема содржина за деца во тој период.
Тој раскажува за тоа како ОХО почна со кампањата „Немаме резерва планета“, во училиштата, а порасна во најмоќна продукциска куќа за телевизиска програма кај нас.
-Петко почна бидејќи имавме потреба за поголема јавност кампањата која веќе беше влезена во училниците, и ја работевме во Македонија, Албанија и Косово. Така ја создадовме емисијата со Петко. Кога стигнавме до одредено ниво, сфативме дека ни е потребно да направиме играна серија – рече тој.
Слоганот на емисијата беше: Емисија за растење на деца и родители. Затоа што тоа оди заедно.
Јована и Талески се сложија дека има драматично поместување во однос на јавната свест за животна средина. Но, според двајцата има огромна потреба овие елементи да влезат во редовното образование за да имаме вистински импакт.
Петко, според продуцентот Талески, бил одлична основа за развој на Преспав како најпопуларна и единствена серија кај нас.