Иако веќе 28 дена е во куќен притвор, градоначалникот Владимир Талески раководи со општина Битола од дома.
Опозициските советници се револтирани што курирска служба му доставувала документи на Талески за потпис, со што тој практично продолжува да ја врши функцијата на градоначалник, и покрај финансискиот криминал за кој е осомничен.
Тие прашуваат зошто на Талески не му се одземени овластувањата и како е можно тој да има пристап до општинската документација, кога мерката домашен притвор му е изречена поради можноста за бегство, влијание на сведоци и уништивање и фалсификување на траги од кривичното дело.
Притворот на Талески оставил последици врз функционирањето на општина Битола, а дел од советниците се жалат дека не добиле месечен паушал кој се исплаќа за ангажирање во Советот и воопшто немаат увид во градската каса.
На следната седница на општина Битола опозициските советници ќе бараат оставка од Талески и назначување на заменик градоначалник до локалните избори.