Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е донесен на 14.11.2012 година, а во член 6 е наведено дека за навреда, одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед, коментира адвокатот, Тале Арсов за Фокус за новиот предлог закон за навреда и клевета.
Во изјава за Фокус тој појаснува дека за понижувачко мислење се одговара од донесувањето на законот до денес.
-Со предложените измени на членот 6 дадено е дополнување и допрецизирање за тоа за кого може да се однесува Навредата, а тоа е „лице со утврден или очевиден идентитет“, што претставува конзистентна номотехника со дефиницијата наведена и за она што претставува Клевета, бидејќи субјектот на напад мора да биде утврден или очевиден, а не неодредено лице или група.
Што се однесува до дополнувањето во текстот на законот со „омаловажувачко мислење“, според мене суштински ништо не менува од порано, имајќи предвид дека семантички омаловажувачко мислење има скоро исто значење со понижувачко мислење, и во овој дел нема промена или проширување на опсегот на она што би значело ограничување на слободата на изразување, објаснува Арсов.
Тој додава дека она што е битно да знаат граѓаните е дека не секогаш може да се бара граѓанска одговорност доколку некој изнесе омаловажувачко или понижувачко мислење, доколку тој што го изнел немал намера некому да наштети на честа и угледот.
-Општо земено, некој ќе каже, кога изнесуваш омаловажувачко или понижувачко мислење, се подразбира дека со тоа имате намера некого да навредите, но не мора да е така, бидејќи за да постои одговорност, многу е битно каде и пред кого е изнесена навредата, потоа кога, дали во соодветна институција или надвор од неа, кој е контекстот во кој се спомнува омаловажувачки мислење и дали таквото мислење е реакција како резултат на некоја претходна провокација, и тоа е се факти за кои тој што изнел омаловажувачко или понижувачко мислење, треба да ги докаже пред суд, вели Арсов.
Фокус ги побара измените коишто ги направило Министерството за правда и кои владата ги усвои и ги доставило како нов предлог текст во Собрание.
-Предлог текстот на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, што беше предмет на реакции од јавноста, во членот 6 став 1 стоеше: За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување или на дру начин ќе изрази омаловажувачко понижувачко или негативно мислење.
Овој предлог текст на Законот е повлечен од собрнаниска процедура и Владата достави нов предлог текст. Сега во членот 6 став 1 се вели: За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед, објаснуваат од Министерството за правда за Фокус.
Целта на подготовката на овој закон беше драстично да се намалат казните за новинарите и уредниците за навреда и клевета.
Според актуелниот закон, новинар можеше да биде казнет за навреда и клевета со максимум 2 000 евра, 10 000 за уредникот и 15 000 за правното лице.
Со новите измени се предвидува судот да да не може да досуди поголема сума од 400 евра за новинар и 2000 евра за уредник, а медиумот не повеќе од 5.000 евра.
Ф.Ф.С.