(ВИДЕО) Талат Џафери во Украина, ќе се сретне и со Зеленски

by Fokus

Денес, на покана на претседателот на Собранието на Украина, г. Руслан Стефанчук, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, е во посета на Украина каде што допатува со воз преку Полска во раните утрински часови.

„Секако особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина.

На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде. Јас оттука можам да порачам дека лично ќе се залагам институциите и граѓаните на Република Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго“, рече Џафери.

Во рамките на посетата Претседателот Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Поврзани новости