Техничкиот премиер – Талат Џафери денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека е против предизборното рекламирање на политичките партии да се прави со средства од државниот Буџет. Смета дека партиите треба да се откажат од рекламирањето со државни пари со оглед на тоа што ваквите измени сè уште не се усвоени во Изборниот законик.
„Во 2019 г. имаше измени на Законот за АВМУ, фамозниот член 102. Кога се изјаснив тогаш дека сум против тоа, медиумите, особено петте национални телевизии, ме обвинуваа дека работам против нив. Операторите исто така обвинуваа дека работам против нив. Мојот став е дека не треба да има буџетски пари за реклами во смисла на предизборитето. Но, ќе одите во вашите (медиумски) куќи и ќе прашате зошто инсистираат токму на тој закон. Јас пак ќе бидам обвинет, но мојот став е дека не треба буџетски пари да има за таа работа“ – изјави Џафери.
Вицепремиерот Артан Груби, пак, не мисли дека политичките партии треба да се откажат од предизборното рекламирање финансирано од државниот буџет. Тој изјави дека процесот е „јавен и транспарентен“.