Талат Џафери, ДУИ и АА го спасуваат Љубомир Јовески од интерпелација, порачаа албанските опозициски партии

by Fokus

Ние – пратениците од Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење – на 14 септември 2023 година поднесовме интерпелација за работата на јавниот обвинител, Љубомир Јовески. Причина за оваа интерпелација е нашето основано сомнение дека тој имал улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово, при што загинаа 14 пациенти, рекоа денеска на прес-конференција опозициските пратеници.

Тие велат дека „според Деловникот на Собранието на РСМ, поточно член 47, претседателот на Собранието е должен интерпелацијата да ја стави на дневен ред на наредната прва пленарна седница во рок од 15 дена од поднесувањето. Меѓутоа, поминаа 15 дена, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, не закажа пленарна седница за оваа интерпелација“.

„Тоа ни дава за право да се сомневаме дека има нешто меѓу него и Љубомир Јовески, можеби е поврзано со некоја коруптивна афера, бидејќи претседателот на Собранието го штити јавниот обвинител дури и со кршење на Деловникот на Собранието на РСМ. Со што го уценува јавниот обвинител претседателот на Собранието или некој друг од неговата партија, тоа треба да го објаснат тие, но дека Џафери го брани Љубомир Јовески, кој во јавноста се гледа како главен виновник за поинакво насочување на судскиот процес за модуларната болница во Тетово, за ова веќе нема сомнение. Доколку не ја стави на дневен ред оваа интерпелација и не се произнесе зошто го крши Деловникот на Собранието, со што му прави директна услуга на Љубомир Јовески, ние имаме право да се сомневаме дека заробената држава е подлабока од Јавното обвинителство. Камбаната бие и за претседателот на Собранието“ – велат пратениците.

На прес-конференцијата подвлекоа дека „ниту пратениците на Алијансата за Албанците, ниту тие од ДУИ, не се изјаснија, дури и по нашиот јавен повик да нè поддржат. Ова освен што ги става во клупата на виновниците, затоа што штитат функционер кој се плаши да се соочи со пратениците кои го гласале, дури и кога неговото име се спомнува за злоупотреба на службената положба, овие пратеници оставаат простор за сомневање дека тие или лидерите на нивните партии се уценувани од материјали на фиоките на Јовески“.

 

 

 

 

 

Поврзани новости