Текстот е објавен на 20-ти јуни 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 976
„Доколку ги разбереме механизмите и мотивите на групното размислување, ќе можеме да ги контролираме и да ги покренеме масите според нашата волја, без нивно осознавање за тоа“.
Едвард Бернајс, „Пропаганда“ од 1928 година
Уште пред девет децении, татко на спинот, мајсторот во создавањето лаги кои стануваат вистина, човекот од кого и Гебелс го крадел занаетот, ја даде формулата за манипулирање со народот. Бернајс дури наведува дека „интелигентна манипулација со организираните навики и мислењето на масите е важен елемент на демократските општества“.
Арно ама, кога манипулативните техники губат на интелигентност, кога веќе се мајтапење со логиката, навреда се на умот, ама проаѓаат, тогаш демократијата преминала во фаза на режим. Тогаш, потиснатата ама мислечка маса ги доживува како „методи на безгранично лажење и заглупување“.
Еден од главните лостови за заглупавување на граѓанството и на селанството во Македонија во ерата на „преродбата“, без дилема, беше и е Центарот за комуникација, ама во поширока смисла на зборот. Во пакет со „ресорот“ на Протоѓер-медиумите. Под нивна диригентска палка како марионетки играат дузина медиумски играчи. Инаку, некои го нарекуваа Центар за манипулации, а се доживуваше и како Центар за халуцинации.
МЕДИУМСКИ ПЕРЈАНИЦИ ЗА ВАЛКАНИЦИ!
Од друга страна, за дел од медиумите кои не го воспеваа режимот, се однесува како Центар за еднонасочна комуникација – вие барате одговори, тие не ве есапат. Разбирливо за еден ваков систем е што ист табиет покажува и портпаролот на Владата, Александар Ѓеорѓиев. Ве фаќаат така на кондиција. Да ги барате звучно, телефонски, знаете по традиција дека е мисија осудена на неуспех. Кога веќе стана правило ист резултат да даваат и обидите за прашање по имејл или смс, влегувате во опасна зона – да кренете раце за да заштедите на време и нерви. Е, ама тогаш ќе ве олајаваат дека сте непрофесионални. Не сте ја имале втората страна, која, нели, и немате шанси да ја имате.
Непишано правило, а што знам може некаде и го имаат запишано, е да се одбива гостување во телевизии и да се даваат интервјуа или да се учествува во дебати во медиуми кои не се според вкусот на Центарот. Тие медиуми, на овој начин треба да се претстават како „опозициски“, пандан на нивните субвенционирани од народни пари. Уште повеќе, дури и медиуми со избалансирана уредувачка политика мора да бидат насликани од Центарот како партиска испостава на СДСМ, Сорос и на белосветската багра. ТВ-дуелите се опасни по партискиот живот.
Оние пак „морално-политички“ подобните, (критериум според кој се диференцираа граѓаните во времето на Тито и Лазо), се растоварени од вакви маки, ама и од поголем умствен напор. Си добиваат дневна агенда, готови текстови, до распоред на вестите. И нема утки.
Додуша, поистакнатите пропагандистички перјаници имаат света должност да доработат нешто што дури и Центарот смета дека не му доликува. Тоа се оние што треба да шлапаат глупости за непријателот за да се забошоти темата. Демек, оној е педер, тој пие, овој прди и ждрига, а на друг му смрдат мишките. Перјаници за валканици! Сѐ според удбашкиот специјалитет „пита-лајнарка“. Ќе кажеш еден точен податок, а потоа го филуваш со два до три измислени. И така настанот – да речеме протест, или некој критичар на режимот, бива жигосан од трубадуриве, кои уште и се гордеат со својата мисија.
Легендите велат дека Центарот дури служи да им составува дискусии на оние понеопитните пратеници. Ма и реплики зашто Центарот има сенс што ќе џавкаат опозиционерите, па како „јамп у најава“ ќе го срочи тоа сочно и визионерски. И да утне нешто, сепак, ништо драматично. Стадото и така и вака си блее задоволно.
Ќе остане запаметено и дека Центарот воведе нов стил на дебата со опозицијата. Катадневно си пишуваат соопштенија, стил кој сакал-нејќел го грабна и СДСМ, па следува реакција, па реакција на реакција. Писмената размена на мислења никогаш не дава одговор на конкретните прашања. Сѐ се сведува на замена на тези. Она што како став се изнесува за партијата што ја делка осмата година на власт, се сведува на вратка за времето од пред 15 години.
А токму поради таквото владеење, СДСМ беше критикуван и од „Фокус“. Ама кога дрмаше во државава. И поради нивните забеганости од демократската матрица и беше казнуван од гласачите на избори. Којзнае, да фрлеа толку милиони евра во агит-проп како груевци, можеби СДСМ уште ќе беше на власт!?
НОВ ДИРЕКТОР, СТАРА ШЕМА
Инаку, директор на официјалниот Центар сиве овие години беше Илија Димовски. Некои велат дека, всушност, е управуван од двоецот Мартин Протоѓер и Илија Димовски. Дури и дека Протоѓер го има крајниот збор. Со оглед на тоа што Мартин ја води партиската комисија на ВМРО-ДПМНЕ за стратегиски прашања, сетики си мислам дека Илија е за тактички. Нејсе, важно силно одекна веста дека партијата преку оглас бара нов директор на Центарот зашто Димовски во новиот собраниски состав ќе биде координатор на пратеничката група.
Дали е тоа унапредување или уназадување во партиската кариера, си знаат во ДПМНЕ. Не можам да нагаѓам затоа што логицираме на различни бранови должини. Сепак, верувам дека и со нова фаца на директорската позиција нема ништо битно да се промени во начинот на кој си ја делка светата мисија овој Центар. Како што не сме почувствувале разлики ниту од смени на некои министерски фаци со нови ликови. Имам респект само на објаснувањето на Димовски дека двете функции – директор на центарот и координатор на пратениците не може истовремено да се тераат како што треба. Иако за мнозинството во партијата како да важат поинакви правила.
Конкурсот трае до 30 јуни, а бидејќи не ги задоволувам условите (не сум член на партијата, а и професионалната биографија сигурно не ги задоволува нивните стандарди), ем имам и поинаква филозофија за медиумите, слободата и комуникацијата, ќе се обидам да им сугерирам на тие што имаат амбиции да бидат новиот Илија Димовски, како треба да постапуваат, за евентуално да ја добијат оваа директорска функција.
Прво правило е на секоја изјава на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска да се реагира со соопштение во кое задолжително ќе се обзнани: дека тие го држат во заложништво СДСМ и цела Македонија со територија и граѓанство, дека се криминален двоец со лажен морал, море и хохштаплери. Мора да се приповторуваат кириите на Радмила и тендерите на Зоран. Задолжително сѐ се забиберува со Црвенковски. Може да се плесне дека се „Бранкова школа“, неговите најдобри ученици. Без да се спомене Бранко, значи не те бива за директор на Центарот.
Доколку проговори некоја друга фаца од СДСМ, тогаш рецептот за реакција, покрај личните дисквалификации, мора да ги содржи следниве состојки: 10 грама – одработува туѓи агенди штетни за националните и државни интереси, 15 грама – губи последователно на девет изборни циклуси, 5 грама – водат деструктивна политика, 3 грама -дезориентирани се како опозиција, а се зачинува со една кафена лажичка – народот ги казни на последниве избори со 200.000 гласови разлика. Секако, не е зијан да се финишира со прогласот – СДСМ е една голема фарса и мафијашка мрежа.
ДА ЈА ВРАТИМЕ НОРМАЛНОСТА!
Е за невладини организации, оние во вистинска смисла на зборот – кои не се контролирани од владата, а имаат критички гард кон владините политики, работата е проста ко гравче. Без да му се думате, ќе лупнете дека се соросоиди. Значи, пиши дека ги финансира Сорос, а и да не е така, нема гајле. Сорос имено, покрај Црвенковски е главната Баба Рога – едниот домашна, вториот меѓународна. Така што нема утка ако ги врзеш обајцата – ефектот е посилен за пучанството. Продолжена рака на СДСМ, исто така убаво звучи за дпмневските уши. Доколку нешто пролафат дека груевци како опозиционери друго зборувале за дотичните, се правиш мутав и си го верглаш истото. Со тоа што ги информираш „професионалните“ медиуми, дека такви шлапатарења не се добри за здравјето на нацијата. И така овие НЏО-а ќе ги нема на вести. Или ќе ги има, колку партал да ги сторат.
Се разбира, настрана сите веритаси и слични (не)владини, кои имаат идентични ставови со ВМРО-ДПМНЕ, на кои главна занимација им се контрапротести пред опозициското седиште, не е на одмет да се додаде секогаш и дека: „ДПМНЕ се спротиставува на партиска злоупотреба на невладини организации“. „Нашите“ нема да гукнат, а „нивните“ што ќе се крстат со лева рака на смешкава, кој ги шиша, и така нема да ги рецкаат!
За оние неверни томи, што сенешто наоѓаат мани на спектаклите од апсења, оние што дрндаат дека селективноста е второто име во битката против корупцијата, се удира во џигер. Реакцијата би се темелела на епохалната реплика во вид на теза дека секој што ги критикува полициските акции се става на страната на криминалот. Ма, дури и го штити и го поттикнува. И точка!
Да не се сетат Власите, всушност тука лежи зајакот во стратегијата и во тактиката, сѐ што го краси ДПМНЕ, ќе го пресликаш како имиџ на опозицијата. На пример, ќе ги прогласиш СДСМ за популисти. Ма, дури дека срамно се додворува на некоја популација. И тоа може да се приповторува циклично во реакциите. Сѐ што предлага и прави ДПМНЕ „согласно законот“ ќе се третира за реформа. За да има реформски имиџ дури и кога нѐ враќа во стариот режим.
Во случај опозицијата или некој медиум, оние ретките што улогата ја сфаќаат по европски терк, искаже јавно сомнеж за коруптивните зделки на некој од ДПМНЕ, тука може и прес да се ѕвекне. И онака самоуверено да ги повикаш клеветниците кои ќе си кркаат тужба за клевета, да го пријават случајот до надлежните институции, кои, нели, „ние“ си ги контролираме. Ова е за уживанција. Да им лазиш по ганглии, да се нервираат од „дупешкава“!
Има уште финти, ама и ова беше доволно за начинот на кој владејачката партија ја користи Бернајс пропагандата. И така израсна една генерација гласачи, кои веројатно се убедени дека е непријателски акт да се критикува власта, а патриотска жртва да се масакрира опозицијата. И така се заглупавуваат масите. Оти кога една владејачка врхушка со години реди, кука, гусла, рика дека најголемото зло е внатрешниот непријател – опозицијата, сосе надворешниот непријател – Сорос, Брисел, Фридом хаус итн, – тоа повеќе говори за нејзиниот демократски капацитет отколку за алиби-виновникот.
Затоа на агит-пропот фрлаат милиони, затоа им е важно сите медиуми да ја пласираат нивната „вистина“. И затоа за нас барем е најважно да ја вратиме нормалноста… еден убав ден.
П.С. Не е тешко да се претпостави дека целиов текст „курирски“ ќе биде „преведен“ дека сум го прогласила народот за глуп! Ете, тоа се ефектите од Центарот!
Курирска логика
ВО ЧИЈА ФУНКЦИЈА КОДОШЕШЕ ГРУЕВСКИ ОПОЗИЦИОНЕРОТ!?
„Како функционира спрегата за кодошење во функција на СДСМ и Сорос? – е велелепниот курирски наслов, зад кој, демек, се истражува лошиот извештај на Фридом хаус. И нормално за режимите: прво, крив е гласникот, а второ – секој што се пожалил за состојбите во државата е кодош. Патем, според последниот рапорт на фридомци, Македонија е во графата хибридни режими, или се наоѓа на истото дереџе како во 2004 година. А тоа е година кога СДСМ се власт, а Никола Груевски лидер на опозицијата.
И ајде да се потсетиме како беседеше пастирот во тоа тешко време. Во интервју за „Фокус“ објасни како се справуваат со силата на режимот на Црвенковски:
„Ја известуваме меѓународната заедница, ги известуваме сите меѓународни невладини организации за нарушување на човековите права, подготвивме неколку извештаи што досега се испратени на многу адреси…“
Според „курирската“ политика, Груевски кодошел, нели! Дали во функција на Сорос, нека истражат „куририте“ на Центарот. Но, веројатно „кодошлакот“ дал ефекти. Зашто и тогаш котиравме во истата група хибридни режими.
И пред десет години, како и денес, сметам дека овие вреднувања на Фридом хаус се реални. Од денешна дистанца, дури тогаш, во 2004 година беше нешто подобро. Не нѐ етикетираа како кодоши и виновници!
Консеквентно на логиката
И ЃОРГЕ ИВАНОВ Е СОРОСОИД
Секој што се појавил на некоја трибина организирана од Фондацијата Сорос, според дпмневски стандарди, е соросоид. А тоа е нешто гадно, нели, одвратно, предавничко. Ако, пак, бил на некаква функција во Отвореното општество, или, бил корисник на некаков грант, па макар и нешто ситно, веќе е доживотен мрсник-соросоид.
Сепак, натнувањето на ваквите „жолти траки“ на инакумислечките, како на Евреите под Хитлер, се резервирани само за тие што денес имаат критички однос кон владините политики. Еве, на пример, Ѓорге Иванов бил член на Управен одбор на Фондацијата, ама не е ословен никогаш од Центарот или од „куририте“ како соросоид. Актуелниот амбасадор во Лондон, Јован Донев бил дури и претседател на Управниот одбор на Фондацијата, ама и за него нема „примједби“.
Убедена сум дека, ако не дај Боже, Иванов пројави барем ситна разлика во ставовите со Груевски, сал мала дисонантност, тогаш веќе каќушите преродбенички ќе распалат за „Хорхе соросоидот“! Како педагошка мерка да не застрани уште повеќе!
Феномен
НАРОДНИТЕ ПАРИ СЕ ТАЈНА, А СОРОСОВИТЕ „ОБЕЛЕЖАНИ“!
Медиумските перјаници на власта ги знаат до денар сите пари што Фондацијата Сорос им ги доделила на медиумите. И нормално, кога Фондацијата јавно ги објавува овие податоци. Од друга страна, колку народни пари завршуваат под ставката „владини кампањи“ во медиумите, се третира како државна тајна од власта или деловна од медиумските корисници на оваа „субвенција“, која годишно тежи неколку милиони евра.
Ете, она што е срцевината на абецедата на демократиите: да бараш отчет како владата ги арчи народните пари, во режимите добива третман на нешто неморално и ненормално! Ама им се може, благодарение токму на тие пари фрлени за замолчување и за купување љубов на медиумските газди.