По цел ден потрага, црното БМВ беше пронајдено во Лепенец на неполни 100 метри од местото каде излетало. За половина час беше извлечен автомобилот, а од МВР пристигна потврда дека трите членови на семејството Пацоли од Косово се најдени починати. Во БМВ-то бил и постариот 21-годишен син кој успеал да се спаси.
Косовското семејство возело во колона автомобили, но имале судар со „Фолксваген туран“ со скопски таблички, кој според обвинителството ја претекнувал целата колона. Се испитуваат причините за сударот, а веднаш по несреќата сите возачи застанале да пружаат помош.
-Неколку минути по несреќата стигнав до местото. Имаше расфрлани остатоци од автомобил. На патот го видов туранот. Долу од реката се слушаа врисоци, но не се гледаше автомобил. Се обидуваа да помогнат луѓе. Многу брзо стигнаа службите од Скопје. Но, колата во реката не се гледаше – изјави за медиумите Наман Ахмети, такси возач од Косово.