Воведувањето на таксата за јаглерод диоксид која ЕУ ја планира од први јануари 2026 година ќе направи сериозен притисок на домашното производство на електрична енергија во Македонија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора со оглед на тоа дека базната струја се произведува во термоелектрани кои користат јаглен.
– Имаме период од една година за да дискутираме со претставниците на ЕУ за начинот кога и како да го применат ова земјите од регионот. Сметам дека доколку се реши тоа да се применува од 1 јануари 2026 година, ќе ни треба сериозна финансиска инјекција од ЕУ во висина на она што го добиваат и земјите членки во ЕУ – рече првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимоски.
Има два пристапа за имплементација. Едниот е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, а тоа е некои 60-70 евра за мегават/час.
Вториот пристап е на секој производ од Македонија кој ќе се извезува во ЕУ да се воведе дополнителна такса.
– Сметам дека сите земји од регионот направиле многу да го имплементираат европското законодавство, но ова од финансиски аспект може да ги изложи на дополнителни трошоци и затоа треба отворено да разговараме и ако се реши да почне ова од 2026, да добиеме помош од Европската комисија.
Ние влеговме сериозно во зелената транзиција, до крајот на годината ќе имаме нови инсталирани фотоволтаици, термоелектраната во Битола работи со помал капацитет, термоелектраната Осломеј повеќе не работи отколку што работи, но ќе треба да се обезбедат пари оваа базна енергија што ќе ја загубиме од термоелектраните како ќе ја замениме. Таква енергија може да ни дадат когенеративни постројки кои произведуваат и електрична енергија и топлина – додаде Бислимоски.
Орце Костов