Државниот обвинител Љупчо Коцевски во интервју на Телма наведе дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но немал видено убиството како она на Вања Ѓорчевска.
-Во моето долгогодишно искуство, може да кажам дека сум имал 50/60 случаи вакви, за жал, меѓутоа тука се работи за специфично грозоморно убиство – рече Коцевски, кој потенцираше дека нема такво искуство.
Тој очекува скора екстрадиција на Палевски и оцени дека има многу докази во истрагата со која се опфатени 5 лица.
-Обезбедени се доказите, имаше и обдукција, сето тоа оди во корист на фактичката состојба што обвинителството ја утврдува, чекаме екстрадиција во однос на лицето што го спомнавте, Палчо, и јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата – изјави државниот обвинител.