Така големи, а така ненаметливи, можеби и по нивна волја недоволно експонирани во јавност, е она кое спонтано им доаѓа во мислите на почитувачите на музичкото дело на „Зијан“, кога ќе се спомне бендот.
Реткост се интервјуата со членовите на бендот, за кои пошироката јавност знае многу малку, освен тоа дека оставија богатство во музичките ризници на македонската историја.
Сепак, деновиве легендарниот бенд од Гевгелија ги израдува љубителите на рок музиката со најавата за враќање на сцената на МКЦ по три децении. Музичарите открија дека со концерт во МКЦ на седми ноември ќе одбележат 42 години на сцената, во ист состав, како и дека ова ќе биде нивни настап во Младински културен центар по цели триесет години од последното тамошно гостување.
Приказната на „Зијан“ започна кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век, под името „Трета смена“ кое набргу го променија во „Зијан“.
По бројните настапи во поранешни Југословенски републики во осумдесеттите години, на бендот му се предвидуваше освојување на југословенската рок сцена.
Сепак, својот прв албум „Низводно“ го снимија дури во 1991 година, откако започна распадот на Југославија, а беше издаден од страна на Музичкото касетна продукција на МРТ.
„Пушти коси“, „Стамена“, „Кате сваќе“, „Елизабет“, „Град“, „Низводно“, „Денови“, „Рушиме се“, се песните од првиот албум кои станаа антологиски, а „Зијан“ постави нови стандарди кога е македонскиот рок во прашање и остави музички дела без рок на траење.
Без реклами и големи најави, во последните години повремено можеше да се слушне дека имале настап, најчесто во Гевгелија.
Изминатиот период се активни на нивната официјална страница на Фејсбук, каде објавуваат детали за своите настапи, но и сеќавања за настапите на бендот од минатите времиња.
Влезниците за концертот на бендот во МКЦ се пуштени во продажба по цена од 500 денари.
Вики Клинчарова