Тајзи ќе руши рекорди со Ескобар: Општеството го предводат Пабловци на кои ич не им чуе за нас

by Фокус

Еден од најпопуларните пејачи кај нас, Драган Величковски – Тајзи, чии видео записи имаат милионски прегледи на Јутјуб, вчера го промовираше спотот за песната ,,Пабло”. Само три часа по објавата, новиот спот имаше над 14.000 прегледи и стана еден од најсподелуваните на социјалните мрежи. Песната е во негов препознатлив стил и носи моќна порака за иронијата на општеството во кое живееме.

-Во создавањето на ,,Пабло” имав одличен тим. Александар Фјаза кој е роден и живее во Шведска е продуцент и аранжер, а миксот и мастерот се на Роберт Билбилов. Спотот е објавен од Балкатон продукција од соседна Србија, а режисер е охриѓанецот Даниел Јовески. Музиката и текстот се мои – раскажува кумановецот.

Критиките за новото дело на Тајзи се позитивни. Заразен звук, холивудски сцени, колумбиски картели, сиромашни гета, ретро автомобили… се е тоа дел од песната посветена на Пабло Ескобар, познатиот колумбиски наркодилер и најбогатиот криминалец во историјата.

Музичарот вели дека песната има силна порака, бидејќи ние сочинуваме општество на модерни робови, предводени од Пабловци, на кои искрено, воопшто не им е грижа за народот.

– Ова дело има една силна порака за системот, луѓето и општеството во кое што живееме. Човекот е алчен и го поминува животот робувајќи за се поголема доминација и моќ, за се поголемо материјално богатство, додека секојдневно до себе гледа и гази луѓе кои се мачат како да се прехранат секој нареден ден. И така сите заедно сочинуваме општество на модерни робови предводени од некои Пабловци на кои ич не им чуе за нас… Ироничен приказ на голема маса на народ што живее во заблуда. Желба за докажување, конкуренција, доминација, кокаин, моети, скапи брендови, црвени теписи, луксузни коли, испревртени вредности како и целиот бран од трендсетери, инфлуенсери, блогери, фејк медиуми, сапуници, политики и ред други западњачки перални за мозок… Заедно со моите браќа Александар, Даниел, Роберт, Балкатон, Кирил и целиот картел ви посакуваме да уживате и да се посмеете во наредниве 4 минути и 20 секунди – порача Тајзи.

И, ако многумина коментираа дека спотот најверојатно е снимен во Колумбија, Тајзи открива дека сите локации на снимање биле во Македонија.

-Снимавме во Скопје, на Аџитепе, спортскиот аеродром во Куманово, Пелинце, Ромското гето во Куманово, низ повеќе локации во нашата земја – вели музичарот, кој моментално работи на повеќе проекти и песни на македонски, англиски и српски јазик.

„Пабло“ денес беше пуштена во етер на голем број на балкански радио мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости