Популарниот музичар Драган Величковски – Тајзи преку најновата песна „Легализирај” бара во земјава да се легализира канабисот.
Прашува зошто канабисот во земјава да биде бизнис само за големите тајкуни, додека во меѓувреме млади се апсат за една цигара, и истакнува дека во земјава веќе се е уништено.
-Песнава е ироничен приказ за се она што легитимно и легално ни го сервираат и секојдневно не трујат, а парадоксално ни забрануваат нешто што природата ни го дала…
Зошто оваа билка од која се прави масло кое лечи многу болести е нелегална? Зошто е бизнис само за големите тајкуни, а во меѓувреме се апсат деца за една цигара?
Кога веќе уништивте се што вредеше во ова земја. Кога веќе ги избркавте децата од својот дом. Кога веќе ги донесовте луѓето до работ на егзистенцијата. Кога веќе јавно слушаме за вашите криминали, корупција, непотизам и реваншизам. Кога веќе јасно гледаме дека сте истото зло кое се менува на неколку години.
Легализирајте канабис барем малку народов да олабави…
А башка економијава што ви „цвета“ можеби малку ќе живне. Што би кажал еден мудар човек: Во Македонија трезен не се живеее! – објави тој на социјалните мрежи.
Музиката и текстот за „Легализирај” се на Тајзи, а пак Иле Спасов е микс мастер. Песната вчера беше објавена на музичкиот канал Јутјуб.
Тајзи се појави на сцената во 2010 година, како дел од дуото Скипи и Тајзи, и важи за еден од најпопуларните музичари кај нас чии песни имаат милиони прегледи.
Потекнува од скромно кумановско семејство и во постари интервјуа за „Фокус” често потенцираше дека успехот го должи на талент и многу работа, бидејќи во естрадниот свет не влегол како некој кој има врски и богати роднини.
Во песните секогаш прави осврт на иронијата која се случува во нашето општество, и вели дека не сака да зборува за политика, туку тоа што има да го каже, го кажува преку песна.
Вики Клинчарова