Војската на Тајван издаде соопштение во кое се вели дека нивните сили се во состојба на готовност и внимателно ги следат кинеските вежби, јавуваат светските агенции.
-Министерството за национална одбрана нагласува дека ќе се придржува до принципот на подготовка за војна без да бара војна, и со став да не ескалира конфликтот и да предизвикува спорови, се вели во соопштението, кое го пренесуваат медиумите.
Соодветно на тоа, биле одржани вежби за цивилна одбрана и биле објавени известувања во одредени засолништа во случај на воздушен напад.
-Ирационалното однесување на Кина има намера да го промени статус квото и да го поткопа регионалниот мир и стабилност, соопштило Министерството.
Тајван откажа голем број летови бидејќи Кина спроведува воени вежби во близина на островот.
Најмалку 40 летови до и од Тајван се откажани, објави „Чајна Тајмс“, цитирајќи го аеродромот во Тајпеј, од каде изјавиле дека откажувањата на летовите не се нужно поврзани со вежбите.
Бродови на кинеската морнарица и воени авиони накратко ја преминале централната линија на Тајванскиот теснец, изјавил за Ројтерс тајвански извор запознаен со ова прашање.
Околу 10 бродови на кинеската морнарица ја преминале централната линија и останале во областа од средата навечер до четвртокот напладне, а повеќе кинески воени авиони накратко ја преминале централната линија во четвртокот наутро, кажал официјален претставник, кој сакал да остане анонимен поради чувствителноста на предметот.
Тајван распореди ракетни системи за следење на активностите на кинеското воздухопловство во близина на централната линија, а бродовите на тајванската морнарица останаа блиску до централната линија за да ја следат кинеската поморска активност, рекол официјалниот претставник, пренесува медиумот.
Кина, според написите, лансирала балистички ракети Донгфенг во тајванските води, потврдило и нејзиното Министерство за одбрана, откако претходно тајванските власти соопштиле дека Кина ги лансирала ракетите во близина на нејзините острови Мацу.
Кинеското Министерство за одбрана соопштило дека неколку балистички ракети Донгфенг се лансирани во водите околу нејзиниот североисток и југозапад.
Во соопштението за печатот на кинеската војска, се наведува дека сите проектили ја погодиле целта: „Целата мисија за обука со жив оган беше успешно завршена“.