Тајванскиот министер за одбрана Чиу Куо-Ченг рече дека и Кина и Тајван ќе платат висока цена доколку Пекинг се обиде да организира инвазија слична на руската. Зборувајќи со новинарите пред седницата на тајванскиот парламент на која ќе се расправа за руската инвазија на Украина, Чиу рече дека „ако избие војна, сите ќе бидат мизерни, дури и победниците“, објави Би-Би-Си.
„Смирено го следиме развојот на настаните и соодветно се подготвуваме“, додаде тој.
Руската инвазија на Украина доведе до стравувања во Тајван дека би можеле да се соочат со слично сценарио. Тајван се гледа себеси како независна нација со своја влада, но Кина ја смета демократијата на островот за отцепена провинција и вети дека ќе ја врати еден ден.
Минатата недела фразата “Украина денес, Тајван утре!” почна да се шири на тајванските социјални мрежи. Додека властите го зголемија нивото на тревога, претседателот Цаи Инг-вен рече дека постојат „фундаментални разлики“ меѓу конфликтот во Украина и ситуацијата меѓу Кина и Тајван.