Годинава е јубилеј – триесет години перманентно „ослободување од структури“ и антиреформи на македонските тајни служби! Предлогот на новата влада е АР и АНБ да се спојат во една централна безбедносно-разузнавачка служба, според моделот на СОВА во Словенија, СОА во Хрватска, БИА во Србија, ОСА-ОБА во БиХ и АНБ во Црна Гора.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една служба, би требало да значи конечно лекување на прецизната анамнеза од пред речиси десетина години на конзилијарниот тим предводен од Рајнхард Прибе.
Колоквијалниот израз тајни служби е еуфемизам, односно синоним за трите компоненти од безбедносно-разузнавачкиот систем за надворешно разузнавање, внатрешната безбедност и воената безбедност и разузнавање, со доминантна улога на политичката полиција. Ваквата перцепција и имиџ се задржаа до промената на еднопартискиот систем, кога почна божемска демократизација и постапна „естрадизација“.
12 ДИРЕКТОРИ
Денес, речиси десет години по дијагностицирањето, останаа хроничните проблеми со суштинските реформски приоритети на партизираните, криминализирани и профанисани служби.
Постојниот безбедносно-разузнавачки систем е рецидив од распадот на поранешната сојузна држава по што самостојна Македонија мораше да создаде свој. Одлучувачки беше атентатот во 1995 година врз првиот претседател Киро Глигоров по што реорганизацијата се темелеше на бицефалниот модел на извршната власт со доделување надлежности од безбедносно-разузнавачката сфера на претседателот на државата.
Агенцијата за разузнавање, како офанзивна служба за стратешко надворешно разузнавање, ефективно почна да функционира дури две години по основањето. Во изминатите години со неа раководеа 12 директори.
Од првиот, Владо Поповски, до тазе именуваната Габриела Јаковлева, челници беа Алекса Стаменковски, Драги Гроздановски, Доста Димовска, Лазар Китановски, Кире Наумов, Виктор Димовски, Александар Боцинов, Наќе Чулев, Зоран Иванов и до неодамна Еролд Муслиу.
Претходно, веќе беше основана Службата за воена безбедност и разузнавање во рамките на Министерството за одбрана, за тактичко (трупно) разузнавање во длабочина до максимум 50 км од границата, како и преку воените аташеа на мисија во странство.
Управата за безбедност и контраразузнавање, како служба за внатрешно разузнавање, наместо да се трансформира во независна владина агенција, остана во рамките на МВР. Решението беше невообичаено и проблематично по што набргу го потврди својот децениски деформиран апогеј на „држава во држава“.
Од немајкаде, дури во 2019 година се изврши само козметичка промена со акронимот АНБ (Агенција за национална безбедност) и одземање полициски овластувања.
Сè друго остана исто, дури и седиштето во кругот на МВР. Со тоа се потврди дека немањето суштинска контрола и надзор за примената на традиционалните удбашки методи и средства се резултат, а не причина за деформациите и злоупотребите на оваа служба.
ДЕЛУМНА РЕФОРМА
За користење тајни истражни мерки, односно овозможување на активирање и снимање комуникации, се основа независна и самостојна Оперативно-техничка агенција, која обезбедува техничка врска меѓу операторот и овластените институции.
Всушност, перманентниот процес на разнебитување и „естрадизација“ на македонските тајни служби почна во 1994 година, кога СДСМ како тогашна власт партиски инсталира и инструментализира припадници во новиот политички амбиент.
Сукцесијата на континуитетот ја продолжија сите следни властодршци под демагошкото и цинично мото „Ослободување од кадри на поранешните структури“. Годинава е јубилеј – триесет години перманентно „ослободување од структури“ и антиреформи на македонските тајни служби!
Предлогот на новата влада е АР и АНБ да се спојат во една централна безбедносно-разузнавачка служба, според моделот на СОВА во Словенија, СОА во Хрватска, БИА во Србија, ОСА-ОБА во БиХ и АНБ во Црна Гора.
Аргументите се засноваат на неопходноста за рационализација во контекст на ефикасна координација, оневозможување удвојување и преклопување на надлежностите и рационализација на материјалните, финансиски и човечки ресурси.
Сепак, се чини, пресуден бил фактот во квантитативните и квалитативните надлежности меѓу двете инстанци на извршната власт.
Тие се непропорционални, бидејќи претседателот на државата има ексклузивно право само да го именува и разрешува директорот и да добива информации од Агенцијата, а владата мошне значајни и широки ингеренции.
Таа донесува акт за начинот на информирање на политичките субјекти, дава претходна согласност во однос на организацијата и систематизацијата на работните места и задачи, ја утврдува примената на средствата и методите за работа и предлага буџет за Агенцијата за разузнавање.
Оттука, најавата за реорганизација може да се перципира како делумна реформа или, пак, да се интерпретира на различни начини. Меѓутоа, непобитно е дека основниот мотив и причина за предлогот на владата АР и АНБ да се интегрираат во една служба, е надминување на дисбалансот!