Американските власти во последните недели добиле разузнавачки информации за заговор за атентат на Доналд Трамп кој доаѓа од Иран. Затоа Тајната служба ја зголеми безбедноста околу поранешниот претседател во последните неколку недели.
Извори запознаени со ситуацијата за Си-Ен-Ен велат дека засега нема индиции дека Томас Метју Крукс, кој се обиде да го убие поранешниот претседател во саботата, е поврзан со заговорот. Но, информациите покренуваат нови прашања за безбедносни пропусти на саботниот митинг во Пенсилванија.
Покрај тоа што не е јасно како 20-годишникот успеал да стигне до покривот на зградата од која можел да пука во Трамп, не е познато ниту дали информацијата за заканата од Иран била проследена до кампањата на Трамп.
„Не ги коментираме безбедносните детали на претседателот Трамп. Сите прашања треба да се упатат до Тајната служба на САД“, се вели во кампањата.
Претставниците на Тајната служба постојано ја предупредуваа кампањата на Трамп за одржување на митинзи на отворено, што претставува поголем ризик од настаните каде што агенцијата може подобро да го контролира пристапот. Предупредувањата беа од поопшт карактер, велат изворите.
Во еден момент од овој изборен циклус, претставниците на кампањата престанаа да организираат спонтани неофицијални настани каде Тајната служба не можеше да ги прегледува гостите и да спроведе други безбедносни мерки.
Иран во повеќе наврати ветуваше дека ќе се одмазди за убиството на Касем Сулејмани, командант на иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда, кој беше убиен од американската војска во јануари 2020 година.
Во август 2022 година, Министерството за правда објави кривична пријава против член на корпусот за наводен заговор за атентат врз Џон Болтон, советникот на Трамп за национална безбедност. Американските обвинители веруваат дека заговорот против Болтон најверојатно е одмазда за убиството на Сулејмани.
На мета на Иран беше и поранешниот државен секретар Мајк Помпео. Властите со месеци беа загрижени за постојаните закани од Иран, односно обидите за убиство на Трамп и неговите службеници.