Тајната посетата на Блинкен и Остин во Киев ја разоткри Зеленски

by fokus

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Остин Лојд вчера престојуваа во Киев, каде имаа средби со украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Претходно посетата беше најавена од Зеленски, но не и од Белата куќа. Се чини дека Американците сакале да го задржат во тајност доаѓањето на нивните двајца високи функционери се додека не заврши посетата, коментира Би-Би-Си.

Ниту еден новинар не беше поканет, а патувањето не беше ниту официјално потврдено од Вашингтон се додека двајцата не се вратија безбедно во соседна Полска. За нивна несреќа, украинскиот претседател имаше други идеи – ја најави посетата пред преполната сала со новинари 24 часа однапред.

Но, се чини дека ова не им нанесе голема штета на односите меѓу двете земји, бидејќи американската делегација вети уште една серија директна и индиректна воена помош за Киев, оценува Би-Би-Си.

Патувањето беше искористено и како можност да се објави дека оваа недела повторно ќе почне со работа амбасадата на САД во главниот град на Украина .

Ова беше најважната посета на американски дипломати на Украина од почетокот на руската инвазија.

Покрај претседателот Зеленски, Блинкен и Остин се сретнаа и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, министерот за одбрана Алексеј Резников и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, јави Си-Ен-Ен, цитирајќи висок претставник на Стејт департментот.

Поврзани новости