Планот на Европската унија (ЕУ) за зајакнување на одбранбените капацитети на континентот не е алтернатива на НАТО алијансата, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи – Антонио Тајани.
На настанот посветен на обновата на Украина, тој рече дека ја поздравува одлуката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за европската одбрана, која не е алтернатива на НАТО.
Тајани посочи дека целта е да се зајакне трансатлантскиот сојуз со европски и американски столб, што ќе биде гаранција за мир за сите, пренесува Анадолија.
„Западот не смее да биде поделен, а Европа има клучна улога. Прво, ние Европејците мора да бидеме обединети“, рече Тајани.
Тој нагласи дека Европа мора да има заедничка визија и да ја гарантира безбедноста на Украина и на целиот континент, бидејќи во спротивно сите напори за обнова би можеле да бидат загрозени со нова војна.
„Праведниот мир не може да биде капитулација на Киев“, заклучи Тајани.