Антонио Тајани – шефот на италијанската дипломатија денеска предупреди дека одлуката на германскиот канцелар Олаф Шолц да и дозволи на Украина да користи германско оружје во напади на цели на руска територија, може да доведе до Трета светска војна.
– Само една мала грешка може да има катастрофални последици. Тоа мора да биде јасно – рече Тајани на националната конвенција на млади претприемачи.
Тој посочи дека Италија не се согласува со изборот на германскиот канцелар и повтори дека Рим ја поддржува Украина, но италијанското оружје нема да се користи врз цели на територијата на Русија, пренесе Анса.
Тајани го поздрави и планот на американскиот претседател Џо Бајден за примирје во Појасот Газа и додаде дека е важно да се ослободат израелските заложници за што поскоро да се достави помош до палестинското население во енклавата.
Нагласи и дека Италија сака да ја признае државата Палестина, но прво е неопходно да се воспостават граници и меѓусебно да се признаат Израел и Палестина заради долготраен мир.