Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој денеска е во посета на земјава изјави дека Италија секогаш била, е и останува да биде најголем поддржувач на Македонија за влез во ЕУ.
Тајани, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски, рече дека ЕУ мора да ѝ подаде рака на Македонија, во спротивно, тоа ќе го направат Кина и Русија.
„Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Не треба да направиме грешка и да исчезне сонот на илјадници млади луѓе од Балканот кои гледаат кон Европа како своја втора татковина. Ако ние не покажаме дека сакаме да ја подадеме раката од тие што ни ја даваат, има некој друг кој сака да нѐ замени, како што се Кина и Русија. Тоа е неприфатливо и Италија секогаш давала и ќе дава поддршка на земјите од Западен Блакан“,рече Тајани.
Муцунски рече дека на средбата нагласил дека и понатаму сме силно посветени на реформите, добрососедските односи и регионалната соработка.
На прашањето, дали Италија дава поддршка за барањето на оваа Влада за промена на Преговарачката рамка, односно, прво да се завршат преговорите со ЕУ, а потоа да се направат уставните измени со цел внесување на Бугарите во него, министерот Муцунски рече дека на оваа тема се дискутира со сите европски земји и партнери.
Тајани, пак, нагласи дека очекуваат да добијат конкретен предлог од македонска страна до Брисел за потоа да се изјаснат по истиот.
Муцунски и Тајани на средбата разговарале и за еконосмкатаа соработка меѓу двете земји.