Поранешната главна преговарачка на Косово во дијалогот со Србија Едита Тахири вели дека зад идејата за таканаречниот „мини-Шенген“, односно на зона за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите од Западен Балкан, се крие намерата за создавање „Голема Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Критикувајќи го премиерот на Албанија Еди Рама за организирањето на средбата во Тирана, на која учествуваа премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, Тахири оцени дека единствено Рама не гледа дека „мини-Шенгенот“ е во функција на „српскиот неохегемонизам на Балканот“.
– Дека идејата на Мини-Шенгенот го создава економското јадро за „Голема Србија“, тоа го гледаат сите Албанци, освен Еди Рама. Ме радуваат мудрите и стратешки реакции на Албанците во одбрана на националните интереси и за спречување на српскиот неохегемонизам на Балканот, напиша Тахири на својот Фејсбук.
Албанскиот премиер упати остри критики и навреди на сметка на косовските политичари, пред се на премиерот во оставка Рамуш Харадинај, за кого, меѓу другото рече дека лаже, поради одбивањето да се приклучат на иницијативата за „мини-Шенген“ зоната во Западен Балкан.
На обвинувањата од Рама косовските државни и политички структури одговорија дека Приштина не може да прифати никаква иницијатива за регионална соработка во која е вклучена Србија, се додека нејзините челници не ја признаваат косовската држава и продолжуваат да ги негираат злосторствата врз цивилното население во последните војни, и тоа не само во Косово, туку и во Босна и Херцеговина и Хрватска. На истиот начин реагираа и опозицијата и дел од граѓанските организации во Албанија, нарекувајќи го Рама „предавник на националните интереси“ затоа што „го продава Косово на Вучиќ“. МИА