Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, смета дека во јуни треба да има избори, рече тој на денешната прес-конференција и посочи дека изборите се важни за да заздрави економијата во наредниот период.
-Мислам дека после празникот Бајрам (24 мај) по 21, 22 дена да имаме избори. Многу е важно да има избори затоа што покрај оваа битка со вирусот ни претстои уште една голема битка, битка за економско закрепнување на нашиот народ, рече Тачи.
Тој истакна дека треба да се отворат верските објекти порачувајќи дека битката со вирусот ќе трае и ќе треба да постои соживот со Ковид-19.
-Претпочитам да се отворат и религиозните објекти, но многу претпазливо со голема одговорност на раководителите на тие објекти и на луѓето што работат. Со почитување на сите мерки. Претпочитам да се олабават сите условно речено стегнати ситуации од страна на Владата, но во ист момент тоа не значи дека од кога ќе олабават овие мерки дека и ние како граѓани ќе олабавиме. Напротив секој ќе се однесува одговорно што значи миење на раце, дистанца, ракавици и носење на маска, појасни тој.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера најави дека на лидерската средба утре кај претседателот Стево Пендаровски ќе предложи предвремените парламентарни избори да се одржат на средината на јуни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера во изјава за Телма рече дека за неговата партија прв и основен принцип е здравјето на граѓаните, а дури потоа изборите и тоа е позицијата со која ќе настапи на лидерската средба.