Лидерот на ДПА Мендух Тачи сака да биде вицепремиер во идната влада, што ќе се формира по изборите на 15 јули и паралелно да го го води „штабот за пандемиски кризи“, како што изјавил на средба со граѓани во Боговиње, Тетовско.
„Со ДПА во Владата и јас како вицепремиер, ќе водиме силна 30-дневна војна против вирусот. Не со зборови, туку во стотици милиони евра што ќе бидат инвестирани во здравствениот систем. Верувам дека и другите ќе се согласат јас како лекар да го раководам штабот за пандемиски кризи. Ваучерите не се вистинска помош. Секое лице на возраст над 18 години мора да добие по 100 евра. По конституирањето на владата, мора да се бара финансиска помош од пријателските земји и меѓународните институции. Да се инвестира продуктивно во борбата против вирусот и да се оживее економијата“, истакнал Мендух Тачи во Боговиње, како што пренесува МИА.
Тачи, во последниот период силно ја критикуваше новата иницијатива на ДУИ за прв премиер Албанец во Северна Македонија, оценувајќи ја како манипулација со гласачите.