Лидерот на Демократската партија на Албанците во Македонија Мендух Тачи по денешната средба со американскиот амбасадор Џес Бејли оцени дека станува збор за еден од најважните состаноци со американскиот амбасадор на кој тие се фокусирале на изборниот процес.
– Констатиравме дека не се важни само институциите и индивидуалците, туку многу е важна политичката волја на сите субјекти кои ќе учествуваат во овој процес – рече Тачи.
Toj посочи дека ДПА гарантира дека ќе даде свој придонес изборите да бидат по стандардите и вредностите на меѓународниот фактор, односно коректни и демократски.
На новинарско прашање за изборната единица 6, Тачи рече дека тоа е голем проблем, етнички, но и меѓу партиите на Албанците, за што укажал и на лидерската средба.
– Главниот и одговорен виновник за оваа ситуација е ДУИ, која смета дека ако изборните единици бидат исти, тие автоматски ќе загубат два до три пратеници. Со совет на меѓународната заедница, не правев проблем да не одиме на избори, затоа што ќе бев алиби на некој што стварно не сака да имаме избори. Многу е важно, сите да разбереме дека кредибилни избори се една можност за политички опстанок на политички партии и индивидуалци – рече Тачи.
Посочи дека ДПА останува на првичниот став за ИЕ 6 и продолжува да ја оспорува, но не може да биде алиби на некој што сака да го оспори одржувањето на изборите.
Во однос на пратеничките листи на ДПА, најави дека тие многу брзо ќе бидат составени и објавени.
– Пратениците на ДПА демонстрираа една голема лојалност во овој мандат и не се продадоа на никакви понуди. Поминавме низ многу тежок период и како Држава и како ДПА. Нивната мисија со ова е завршена, што значи дека ќе има нови ликови. Ќе има нови кандидати, но ќе има и кандидати кои што се моментално поради континуитет во работата на парламентарната група – рече Тачи.
Во однос на работата на СЈО, Тачи рече дека не сака да зборува, кога зборува правдата и дека политички оценки може да даде на крајот на процесот.