Тачи најавува зголемување на мнозинството со „Алтернатива“, тие демантираат

by fokus

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи најавува зголемување на владејачкото мнозинство со четворицата пратеници на „Алтернатива“, на Африм Гаши, додека партијата којашто е во коалиција со Алијансата на Албанците ги демантира овие информии.
-Заев и Ахмети не можат да кажат, но јас тоа го кажувам отворено. Работата со Алтернативата е завршена. Четворицата пратеници на Алтернатива ќе бидат поддржувачи на Владата и ќе бидат учесници во Владата. Заеви не го кажуваат ова, Ахмети не го кажува, затоа што не сакаат да предизвикаат шок во рамките на коалициските партнери, рекол Тачи синоќа во гостување на ТВ Клан.

Гаши пак демантира. Тој во разговор за „Фокус“ коментира дека изјавите на Тачи не ги смета за сериозни. Портпаролот на партијата сличен став објави и на неговиот Фејсбук профил.

-Не сакаме да се занимаваме со изјавите на секој пропаднат политичар кој единствено има намера да го подели албанскиот опозициски глас, но сепак евидентно е дека ова мнозинство е многу исплашено и нивните сопствени изјави зборуваат за овој страв од губење на мнозинството. Инаку, фокусирани сме на вториот круг и се трудиме да освоиме што повеќе општини. За се друго останува да се зборува по завршувањето на вториот круг. За влада која е во слободен пад е разбирливо да виси толку отворено, но едно е сигурно: 1 ноември ќе донесе ново владеење првично на Град Скопје, а потоа и на централната власт, се вели во Фејсбук статусот на Орхан Муртезани.

Шпекулациите за зголемување на владејачкото мнозинство почнаа откако премиерот Зоран Заев најави по локалните избори можно е бројот на пратеници да се зголеми. Но, од друга страна прекројување на владејачкото мнозинство цело време најавува и опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски. Тачи е дел од владејачкото мнозинство и единствено тој е пратеник од оваа партија во Собранието.

Поврзани новости