Лидерот на ДПА и пратеник Мендух Тачи ги нарече голем политички театар синоќешните случувања, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека заедно со пратениците од ААА, БЕСА и Левица формирал ново парламентарно мнозинство.
-Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за негов камбек. Следната влада ќе биде на чело со Заев, јас не познавам друг човек во СДСМ со поголеми капацитети – рече Тачи за Слободен печат.
За здружување на БЕСА и ААА, тој вели дека скапо ќе ги чини кај албанскиот електорат во наредниот период, бидејќи, според него, ВМРО-ДПМНЕ е десничарска партија која не го признава и почитува ниту Охридскиот, ниту Преспанскиот договор, ниту Косово, ниту пак заложбите на државава за членство во ЕУ.
-Алтернатива сака само да ги зајакне своите преговарачки капацитети во владата на Заев, а Беса сака само да ги зачува своите места во Владата, па од една страна преговара со ВМРО-ДПМНЕ, а му испраќа сигнали на СДСМ за да си ги зголемат нивните идни преговарачки позиции во владата на Заев Три – истакна Заев.