Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи се состанаа во Белата куќа, соопшти Гласот на Америка на албански јазик.
Според белградски Блиц, српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва имаше разговори во Белата куќа со американскиот посредник Ричард Гренел, советникот за националната безбедност на САД Роберт О’Брајан и косовскиот претседател Хашим Тачи.
-Сите четворица официјални претставници ја истакнаа потребата од укинување на таксите и желбата за преговори меѓу Белград и Приштина веднаш штом се укинат таксите, информира Блиц.
Двајцата претседатели се наоѓаат во САД во одделни посети. Американски официјални лица го повикуваа Косово да ги укине царинските такси воведени во ноември 2018 година на српски стоки, додека од Белград е побарано да ја прекине својата кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово, пренесува „Гласот на Америка“.
За помалку од еден месец, САД обезбедија два договори меѓу страните за воспоставување на авиолинија, железничка поврзување и изградба на автопат помеѓу двете држави.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната средба со американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Србија ја сака Америка како сојузник и се заблагодари на Помпео и на другите официјални претставници на САД со кои имаше разговори во Вашингтон во последните два дена, што покажуваат барем разбирање за ставот на Србија кога станува збор за Косово.
Американските домаќини на Вучиќ му најавија дека за прв пат Западен Балкан ќе биде од точка на интерес во Американската развојна финансиска корпорација, која има буџет од 63 милијарди американски долари и финансира важни проекти ширум светот и како дел од подобрувањето на односите со Вашингтон, Србија би можела да смета на пари од фондот.