Тачи достави до Собранието резолуција за припојување на Прешевската долина кон Косово

by fokus

Косовскиот претседател Хашим Тачи достави денеска до Собранието на разгледување и усвојување нацрт-резолуција за барањата на Албанците од Прешевската Долина, област во јужна Србија населена со мнозинско албанско население, за обединување со Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи во дописот до Собранието вели дека документот кој го предлага се заснова на косовскиот Устав и „на постојаните барања на Албанците од Прешевската долина упатени до институциите на Република Косово за да помогнат за заштита и за подобрување на нивната положба и за остварување на нивните историски барања“ за припојување кон Косово.

– Врз основа на член 65.1 од Уставот на Република Косово и член 6.1 од Деловникот на Собранието, со овој допис Ви ја испраќаме на разгледување и усвојување во Собранието Нацрт-резолуцијата за легитимните барања на Албанците од Прешевската долина, стои во писмото од кабинетот на Тачи до пратениците.

Според нацрт-резолуцијата на Тачи, косовските институции се обврзуваат „да ја почитуваат политичката волја на Албанците од Прешевската долина за обединување со Косово, изразена на референдумот од 1992 година како и со борбата на Ослободителната бојска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац (УЧПМБ)“.

– Барањата на Албанците од Прешевската долина, односно на Албанците кои живеат на нивните автохтони простори, во општините администрирани од Србија – Прешево, Медвеѓа и Бујановац, според нивната слободна волја за самоопределување, се легитимни, во согласност со меѓународното право и се барања кои се однесуваат на историските и политичките права и на правата на едно население кое сака да живее во слобода, како и сите европски народи, се вели, меѓу другото во нацрт-резолуцијата.

Според идејата на Тачи, кој од пред една година се залага за решение на споровите со Србија со „корекција на границите“, но без да се отстапи косовска територија, барањата на Албанците од јужна Србија за припојување кон Косово „ќе ја помогнат долгорочната стабилност и ќе придонесат за постигнување долгорочен мир во регионот“.

Во Собранието на Косово денеска се расправаше за положбата на Албанците во Прешевската долина, а пратеникот Реџеп Селими од опозициското Движење Самоопределување (ВВ), дописот на Тачи, кој стаса пред пратениците во текот на расправата, го оцени како „уште една од низата негови измами“.

Поврзани новости