Како лидерот на ДУИ, Али Ахмети, успеа повторно да ги обедини некогашните блиски соработници Зијадин Села и Арбен Таравари, кои пред двојните избори влегоа во конфликт што резултираше со поделба на Алијанса за Албанците?
Како што е познато, ДУИ веќе номинираше кандидати за градоначалници во неколку општини, соопштувајќи дека 7 општини ќе остават за Села и Таравари, кои ќе треба да предложат кандидати поддржани од опозициската коалиција.
На тој начин, Ахмети го официјализираше заедничкиот настап на претстојните локални избори и со Села и со Таравари, кои само до неодамна испраќаа пораки во јавноста што навестуваа поинакво сценарио.
Имено, откако стана јасно дека почнува да се дистанцира од ВЛЕН, па дури и откако стана извесно дека ќе ја напушти Владата, Таравари постојано порачуваше дека на овие избори ќе настапи со посебни советнички листи, а простор за соработка остави со сите, и тоа само во вториот круг во изборот на градоначалници.
Истовремено, пак, Села демонстрираше недвосмислен отпор кон можноста Таравари да се приклучи кон Европскиот фронт, велејќи дека неговото предавство со промената на страната пред последните избори не е заборавено.
Покрај тоа, Села посочуваше дека Таравари не оди во прилог на концептот за почитување на легитимитетот на албанската етничка заедница, од причина што како дел од ВЛЕН прифатил да биде дел од власта, иако загубил на изборите.
Имајќи го тоа во предвид, се поставува прашањето како тогаш Ахмети успеал да ги изменаџира Села и Таравари, односно како успеал да ги омекне и/или промени нивните ставови и да ги собере во еден предизборен блок, кој ќе се трансформира во Национален фронт за интеграција?
Ако политичките лупинзи на Таравари не се толку ретка појава, па не е толку чудно како тој ја трансформираше позицијата од самостоен изборен настап во заеднички настап со ДУИ, тогаш ова прашање особено се однесува за Села, кој делуваше прилично тврдо и аргументирано кога елаборираше зошто не треба да се соработува со Таравари.
Според извори од ДУИ, партијата ја ценела принципиелноста на Села, кој цело време остана лојален на фронтот на ДУИ. Арно ама, според нив, тој не треба да биде незадоволен од ваквиот расплет на настаните, од причина што по поделбата на Алијанса многу поголем дел од партиското членство заминало со Таравари отколку што останало со него.
–Од тој аспект, Села можеби треба да се смета и за голем добитник од ситуацијата, бидејќи со заедничка поддршка на коалицијата најверојатно ќе има градоначалници во 3 општини – Струга, Дебар и Арачиново – вели функционер на ДУИ.
Што се однесува до Таравари, кому му припаднаа Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај, нашиот соговорник посочува дека, и покрај непредвидливоста на Таравари, не очекуваат од него никакви изненадувачки маневри, барем не до изборите наесен.
–До изборите, нема да има никаков проблем со Таравари и очекуваме да има голем придонес кон изборниот резултат. А за периодот по изборите, тоа никој не може да го гарантира, но тоа ќе зависи од многу околности – вели нашиот соговорник.
Инаку, еден од најголемите интереси на Таравари на овие избори беше да добие што поголем број на општини и во битка да влезе во максимални шанси за победа, особено во неговиот Гостивар, со цел да не биде делегитимиран како политичар.
За потсетување, тој загуби во Гостивар како кандидат за претседател на претседателските избори и како дел од ВЛЕН на парламентарните избори, па сега очигледно проценува дека поголеми шанси за успех има заедно со ДУИ.
„Фокус“ веќе пишуваше дека голема улога во трансферот на Таравари од ВЛЕН кон ДУИ одиграла официјална Тирана преку албанскиот амбасадор во земјава, додека во една прилика тој лично му предложил на премиерот Христијан Мицкоски да го заменат остатокот од ВЛЕН со ДУИ, со цел да владеат постабилно и подолго.
Кога Таравари почна да го подготвува теренот за приближување кон ДУИ, имаше чести реакции од Села, кој во една прилика го критикуваше пристапот за зголемувањето на коалицијата преку т.н. делење на општини. Сепак, на крајот токму тоа се случи.
Односно, Ахмети се откажа од многу општини и ги подели на партнери, со цел што подобар резултат на локалните избори во функција на главната цел – предизвикување на предвремени парламентарни избори и враќање на власт.
Сепак, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН имаат друг есап. Тие очекуваат победа на здружената владина коалиција, која, меѓу другото, ќе значи потврда на промените во рамки на албанскиот блок, па дури и испраќање на Ахмети во политичка пензија.
Влатко СТОЈАНОВСКИ