Легендарниот музичар Дадо Топиќ и младата Ана Петановска, која откако се појави во јавност го носи епитетот девојката со ангелски глас, ќе снимаат заедничка песна.
Баладата се вика „Бисери у твојим очима“ со музика на Григор Копров, текст на Душан Бачиќ и аранжман на Стефан Петановски.
За Ана, која е музичка гостинка на повеќе концерти во Операта, а има и неколку авторски песни објавени на нејзиниот Јутјуб канал, композиторот Копров вели дека со својот талент, може достојно да го замени Тоше Проески.
За дуетот со Дадо Топиќ пак, појаснува дека тоа е спој на искуство и младост.
Во минатиот век се случи евергринот „Принцеза“ (1984), маестралниот дует на Дадо и Слаѓана Милошевиќ. Годинава пак, најавена е поп-рок баладата ,,Бисери у твојим очима” која Ана и Дадо ќе ја снимат во Белград, во студиото на Душан Бачиќ.
– Многу се радувам, чувствувам инспиративна возбуда, едноставно, не ми се верува дека овој проект наскоро ќе биде мојата реалност. Голема шанса за мене е да испеам песна заедно со Дадо Топиќ.
Растев со неговата музика, па овој дует е и голема одговорност и секако предизвик. Неизмерно сум му благодарна на Копров, кој ми ја даде шансата, што за мене е ново искуство, уште повеќе ме сплотува со музиката, и ме прави пожива и поисполнета.
Што се однесува до песната, кога ја слушнав ми поминаа морници, романтична е, и многу, многу моќна, вели Ана.
По снимањето на дуетот, ќе следат активности за негова промоција.
Инаку, Ана студира психологија, а има соработка со повеќе музичари и снима придружни вокали. Со нејзината изведба на хитот на Принс „Пурпурен дожд“ годинава на Оскаровската гала вечер во Операта, го привлече вниманието на пошироката јавност и доби бројни комплименти.
Вики Клинчарова