Светската здравствена организација изрази загриженост поради ширењето на птичјиот грип Х5Н1, кој има „исклучително висока“ стапка на смртност кај луѓето. Епидемијата која започна во 2020 година досега предизвика смрт на десетици милиони живина, а неодамнешното ширење на вирусот кај неколку видови цицачи, вклучително и домашни говеда во САД, го зголеми ризикот од пренесување на луѓето, соопшти СЗО.
„Мислам дека ова останува огромен проблем“, им рече на новинарите во Женева главниот научник на агенцијата за здравство на ОН Џереми Фарар. Минатиот месец на листата на заразени видови се приклучија и кравите и козите, што за експертите е неочекуван развој на ситуацијата бидејќи се сметаше дека тие не се подложни на овој тип на грип.
Американските власти овој месец објавија дека едно лице во Тексас закрепнувало од птичји грип откако било изложено на говеда, при што 16 стада во шест држави биле заразени по изложување на диви птици.
Варијантата A(H5N1) стана „глобална зоонотска животинска пандемија“, рече Фарар.
„Се разбира, постои голема загриженост за инфицирање на патки и кокошки, а потоа сè повеќе и на цицачи. Тој вирус сега еволуира и развива способност да зарази луѓе, а потоа и критична способност да премине од човек на човек“, додаде тој.
Засега нема докази дека Х5Н1 се шири меѓу луѓето. Но, во стотиците случаи кога луѓето биле заразени од контакт со животни во изминатите 20 години, „стапката на смртност е исклучително висока“, рече Фарар, бидејќи луѓето немаат природен имунитет на вирусот.
Од 2003 до 2024 година, ширум светот се пријавени 889 случаи и 463 смртни случаи предизвикани од Х5Н1 во 23 земји, што е стапка на смртност од 52%.