Од почетокот на дистрибуцијата на вакцините низ светот за 36 дена досега се поделени околу 28 милиони дози од вакцините за коронавирус во 46, претежно богати земји во светот, изјави претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.
И покрај фактот дека во светот почна вакцинацијата против Ковид-19, Рајан изрази загриженост за брзото ширење на новиот, позаразен вид на коронавирусот во некои земји.
Светските медиуми го пренесоа неговото жалење дека вакцинацијата најмногу се спроведува во побогатите земји.
-Мислам дека досега вакциниравме луѓе со 28 милиони дози. Користени се пет различни вакцини и платформи. Во моментов, вакцинацијата се спроведува во околу 46 земји во светот, од кои 38 се богати, а само една може да се нарече многу сиромашна, рече Рајан
Според него, постојат земји кои ја сакаат вакцината и таа им е навистина потребна, и тие нема да ја добијат доколку СЗО не направи подобра дистрибуција.
-Сите мора да работиме повеќе, рече Рајан.
Тој, исто така, посочи дека светот влезе во втората година од пандемијата, што може да биде посериозна кога ќе се види колку брзо се шири.
СЗО, во својот последен извештај, наведува дека минатата недела се пријавени околу пет милиони нови случаи на коронавирус.