512
Корона вирусот погодил 152 земји, при што досега починале 7.000 луѓе, а третина од потврдените случаи се во Европа, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа Ханс Анри Клуге.
Тој истакна дека Европа е епицентар на пандемијата, но, како што рече, континентот добро се справува со епидемијата. Според него, заразата може да се надмине со солидарност и дисциплина.
-Ширењето на епидемијата напредува со различна брзина од земја до земја во зависност од демографијата и другите фактори. Во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, ние ќе обезбедиме техничка експертиза и совети, ќе споделуваме информации и иновации со сите земји-членки и ќе работиме постојано – рече Клуге.